На трансфер листата на ПСЖ се наоѓаат 11 играчи вредни 161 милион евра

од Vladimir Zorba

ПСЖ, предводен од Килијан Мбапе, минатата сезона беше елиминиран во осминафиналето на Лигата на шампионите од Реал Мадрид, кој подоцна ја освои титулата. Тоа беше страшен удар за челниците на парискиот клуб, за кои победата во најпрестижното клупско натпреварување е единствениот вистински критериум за успех.

Пред почетокот на новата сезона најважниот дел од работата во ПСЖ веќе беше завршена, а тоа беше да се убеди Мбапе да го продолжи договорот. Со доаѓањето на Кристоф Галтие и Луис Кампос беа решени прашањата на тренерот и спортскиот директор, а сега дојде време да се проветри соблекувалната.

„Ле Паризиен“ пишува дека на трансфер листата има дури 11 играчи на ПСЖ чија вкупна вредност е 161 милион евра.

На неа се Мауро Икарди (проценета вредност од 22 милиони евра), Јулијан Дракслер (18 милиони), Лаивин Курзава (5 милиони), Абду Диало (18 милиони), Тило Керер (22 милиони), Леандро Паредес (17 милиони), Идриса Гај (12 милиони), Андер Ерера (10 милиони), Џорџино Вајналдум (18 милиони), Јуниор Дина Ебимбе (5 милиони) и Данило Переира (14 милиони). Проблем е фактот што не сите играчи се подготвени да си заминат од ПСЖ, што не е чудно ако се земат предвид платите во редовите на францускиот шампион.

Меѓу првите кои не сакаат да ја сменат средината е на пример Икарди.

Досега од ПСЖ си заминаа само Алфонс Ареола (за 9,3 милиони евра во Вест Хем), Анхел ди Марија (без отштета за Јувентус) и Чави Симонс (без отштета за ПСВ).

Што се однесува до засилувањата, обезбеден е трансферот на Нуно Мендеш (од Спортинг за 38 милиони евра) и Витиња (од Порто за 41,5 милиони евра). Но, ПСЖ нема намера да застане тука, а на врвот на листата со желби се Милан Шкриниар (Интер), Џанлука Скамака (Сасуоло) и Ренато Санчез (Лил).

Слични содржини