На УКИМ се избираше нов ректор (ФОТО)

од Берта Китинска

На единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска од 12 до 14 часот се спроведе гласање за ректор на Скопскиот универзитет за мандатниот период 15 септември 2020 – 15 септември 2023. За организирање на гласањето беа задолжени изборните комисии за секоја единица на УКИМ.

Фото: Борче Поповски

Можеше да се гласа за седум кандидати за ректор на УКИМ – актуелниот ректор Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет; Јане Ацевски и Коле Василевски од Шумарскиот факултет, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, Петар Атанасов од Институтот за социолошко-правни истражувања, Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование и Драги Димитриевски од Земјоделскиот факултет.

Тие се пријавија на јавниот оглас од 30 мај 2020 за ректор на УКИМ за четиригодишен мандат кој треба да почне во септември и нивните кандидатури се прифатени и програмите за работа УКИМ ги објави на веб-страницата. Тројца кандидати, Атанасов, Живковиќ и Димитриевски, вчера соопштија дека нема да учествуваат на овие избори зашто ги сметаат недемократски и нетранспарентни, а и поради ставот на Антикорупциската комисија дека избори за ректор не треба да има зашто се распишани Парламентарни избори.

Фото: Борче Поповски

Гласање денеска немаше на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) зашто Наставно-научниот и уметнички совет на Факултетот на седница на 23 јуни одлучи професори од овој факултет да не бидат во изборни комисии зашто сметаат дека има бројни законски прекршувања на целокупната постапка за избор на ректор, како и со оглед на отпочнувањето на изборниот процес во државата.

Деканот на ФДУ Мими Таневска во изјава за МИА рече дека членовите на Советот едногласно се согласиле да не учествуваат во гласањето закажано за денеска и дека ставот на секој од нив е изборот да се одложи сè додека не се создадат неопходни услови за негово нормално и коректно спроведување. На ФДУ денеска немало гласање зашто Универзитетската изборна комисија не им пратила комисија откако ФДУ одбил да има комисија составена од негови професори.

Фото: Борче Поповски

-Универзитетската изборна комисија досега во два наврата ни формираше комисија составена од колеги од нашиот факултет. Првите колеги што добија известување од УИК се договорија заеднички да потпишат и потпишаа колективна оставка. Потоа експресно добивме и ново решение за уште десет нови членови на изборната комисија на нашата единица, повторно од нашите редови. И тие индивидуално си поднесоа оставка до УИК. УИК можеше да ни избере комисија, која може да биде и со членови од други факултети. Цел ден сме на работа, од 8 часот, и чекавме уредно, ја подготвивме и просторијата и ќе гласавме или нема да гласавме, онака како што секој индивидуално ќе одлучеше, изјави Таневска.

Гласачките ливчиња од сите изборни комисии на единиците на УКИМ по завршувањето на тајното гласање се доставуваат во Универзитетската изборна комисија (УИК), која треба да ги објави резултатите до крајот на денот, за потоа да тече рокот за приговори. Преседатеката на УИК Гордана Лажетиќ за МИА изјави дека сè што ќе треба да соопштат ќе биде објавено на веб-страницата на УКИМ за информации поврзани со изборот на ректор за 2020-2023.

Според Роковникот со активности во постапката за избор, по рокот за приговори, на 6 јули е повторно гласање (прегласување), а конечните резултати од изборот на ректор треба да бидат објавени на 9 јули 2020.

Слични содржини