„На Украина местото ѝ е во НАТО“: Столтенберг во ненадејна посета на Киев

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска престојува во прва посета на Киев по рускиот напад на таа земја, во знак на поддршка за Украина додека се подготвува за контраофанзива.

Тој рече дека „иднината на Украина е во НАТО“.

„Да бидам јасен, Украина го заслужи своето место во евроатлантското семејство. Заслуженото место на Украина е во НАТО, а со текот на времето нашата поддршка ќе ви помогне да го овозможите тоа“, рече тој на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Владимир Зеленски, пренесува „Ројтерс“.

Столтенберг вети дека НАТО ќе продолжи да испраќа воена помош за Украина, додавајќи дека членките на Алијансата досега обучиле десетици илјади украински војници и обезбедиле воена помош од 65 милијарди евра.

„НАТО стои со вас денес, утре и онолку долго колку што е потребно“, рече тој.

Столтенберг им оддаде почит на украинските војници кои загинаа во војната и ја прегледа оштетената руска воена опрема изложена на централниот плоштад во Киев, изјави фоторепортер на „Ројтерс“.

Северноатлантската алијанса ја поддржа Украина со испраќање оружје во земјата, но не и војници.

За време на посетата на Киев, генералниот секретар на НАТО го покани Зеленски на самитот на Алијансата, кој во јули ќе се одржи во Вилнус.

Украина ја гледа својата иднина во НАТО и во септември минатата година поднесе барање за забрзано членство откако, како што тврди Киев, Кремљ анектираше четири украински региони.

Москва го гледа НАТО како непријателска воена алијанса, склона да навлегува во она што го гледа како нејзина сфера на влијание. Украина доби независност во 1991 година по распадот на Советскиот Сојуз.

Слични содржини