На ВМРО-ДПМНЕ очигледно им пречат одличните резултати на полицијата во справувањето со криминалот, велат од МВР

од Vladimir Zorba

Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите пласирани од партијата ВМРО-ДПМНЕ за некакво влијание на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски во случај кога е нападнат полициски службеник, како и наводна инволвиранст на неговиот син.

– Станува збор за класична дезинформација. Ниту имало влијание ниту некој може тоа да го направи, ниту бил инволвиран синот на директорот на БЈБ. Напротив, вистината е дека на 3 јуни околу 01.45 часот во угостителски објект во Градскиот парк во Скопје имаше уште една во низата успешни акции на полицијата. Лишени од слобода се три лица и биле пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана, а лицата ќе одговараат пред законот и за напад на полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Настанот е соодветно објавен во извадокот од дневни настани кој МВР секојдневно го објавува, се наведува во демантот на МВР.

Од Министерството посочуваат дека продолжуваат со бескомпромисната борба против секаков вид на криминал, „што го покажуваат и статистиките за сериозно намален криминалитет поради доброто работење на полицијата“.

– И во наредниот период полицијата продолжува со иста посветеност, се во интерес на безбедноста на граѓаните, иако е очигледно дека овие добри резултати некому му пречат па мора да се служи со лаги и дезинформации, се додава во соопштението на МВР.

Слични содржини