Фановите на тенисот повеќе нема да можат да уживаат гледајќи го Рафаел Надал оваа сезона. Шпанскиот ас на социјалните мрежи објави дека по разговорот со тимот и семејството, донел одлука да направи пауза и да се подготви за предизвиците што го чекаат следната година.

„Сакав да ве известам дека за жал морам да ја завршам сезоната. Искрено, страдам многу повеќе отколку што треба со ногата веќе една година и ми треба време “, напиша шпанскиот тенисер. „Претходната година пропуштив многу важни турнири како Вимблдон, Олимписките игри, а сега ќе го пропуштам УС Опен. Не можев да тренирам, да се подготвувам и да се натпреварувам како што треба, па дојдов до заклучок дека ми треба време да се опоравам и да сменам некои работи, за да најдам решение за овој проблем“.

Повредата на стапалото на Шпанецот веќе долго време му предизвикува силни главоболки …

„Тоа не е ништо ново, ме мачи од 2005 година и ме спречи правилно да ја развивам спортската кариера. Време е сега да најдам нов вид третман, да најдам решение или барем да ја подобрам малку состојбата, за да можам да играм уште неколку години. Имам максимален ентузијазам да направам се што е потребно за да се вратам во најдобра можна состојба“.

На крајот, тој испрати порака до верните обожаватели.

„Однапред ви благодарам за поддршката, разбирањето и сите ваши изрази на наклонетост, кои инаку се многу важни. И уште поважно во тешки времиња како сега. Ви ветувам дека ќе дадам се од себе за да продолжам да уживам во овој спорт уште некое време. Голема прегратка за сите“, рече Рафаел Надал.

Слични содржини