Надал не верува дека повторно ќе биде бр.1 во светот

од Vladimir Zorba

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал изјави дека не верува дека повторно може да биде првиот тенисер на светот, а причината ја гледа во физичките проблеми.

„Мислам дека тоа е минато време. За жал, моите физички проблеми ме спречуваат да се надевам дека повторно ќе бидам број еден“, изјави Надал синоќа на прес-конференција по победата во првото коло на турнирот во Акапулко.

Тој во првото коло беше подобар од Американецот Денис Кудла со 6:3, 6:2 и со таа победа го израмни својот најдобар старт во годината, бидејќи го забележа 11-тиот триумф од исто толку натпревари.

Надал (35) годинава го освои Австралија опен, што воедно беше негов рекорден 21-ви Гренд слем трофеј во кариерата.

Шпанскиот играч за прв пат стана најдобар тенисер во светот во август 2008 година, а последен пат на врвот на АТП листата беше во јануари 2020 година.

Тој сега го зазема петтото место на светската АТП листа и заостанува само 50 бода зад четвртопласираниот Стефанос Циципас.

„Понекогаш чувствував дека сум во позиција да бидам број еден, но физичката состојба не ми го дозволуваше тоа. Денес моите цели се поинакви, нема да ја следам оваа цел, тоа би било грешка“, додаде тој.

Пред да го освои турнирот во Мелбурн, Надал беше надвор од терените повеќе од четири месеци, поради повреда на левото стапало, а на крајот на минатата година се зарази со коронавирусот.

„Со години играв многу малку. Ме прашуваат дали уште повеќе ќе го намалам бројот на настапи, но ако ги намалам уште повеќе, тогаш би можел и да го напуштам тенисот. Овој турнир во Акапулко е еден од оние од кои имам убави спомени“, рече тој.

Надал во осминафиналето на турнирот во Акапулко ќе игра против Американецот Стефан Козлов.

Слични содржини