Надал по пласманот во полуфиналето: Не знам како го направив ова, пред 2 месеци не знаев ни дали ќе играм

од Vladimir Zorba

Рафаел Надал е на два чекора до 21. Гренд слем титула во кариерата, а по победата против Денис Шаповалов се пласираше во полуфиналето на Австралија Опен. И самиот Шпанец не знае како ја истурка оваа приказна во пет сета.

– Не знам. Навистина не знам. Не се подготвував за ова. Денис има феноменален сервис, тој е одличен играч, но за мене е фантастична работа што стигнав дури и до полуфиналето на турнирот – изјави Надал, кој мораше да побара помош од лекарскиот тим.

-Не се чувствував добро во стомакот и отидовме таму да ја спуштиме тензијата, но се беше во ред со моето тело. Зедов неколку апчиња кои ги поправија работите. Имав среќа што сервирав добро во петтиот сет, истакна Шпанецот.

Рафа ќе има два слободни дена пред полуфиналето каде игра против Гаел Монфис или Матео Беретини.

– Немам веќе 21 година. По овој натпревар, добро е да има два дена од натпреварот. Мислам дека се чувствував добро и добро се движев, иако условите се тешки поради жештините. Уморен сум, но среќен што добив можност повторно да играм овде на „Род Лејвер арената“ – нагласи Надал и откри дека само пред два месеци размислувал повторно да не игра натпревари.

– Пред два месеци не знаев дали ќе се вратам на турнејата, а сега гледам само да играм тенис и да уживам – заврши Надал.

Слични содржини