Надал за Ѓоковиќ: Заслужи да ме победи

од Nikola Popovski

Во изјавата дадена по поразот од Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Ролан Гарос, Рафаел Надал му го честиташе триумфот на српскиот тенисер.

„Бикот од Мајорка“ по натпреварот истакна дека Новак имал шанса да го освои и првиот сет, кој му припаднал на Шпанецот.

„Не играв добро на почетокот, направив грешка, па Новак имаше брејк топки, потоа шанса за гем, можеше да поведе со 2-0, а потоа и со 4-0. Игравме во топло време, условите беа малку потешки. Кога се стемни и се сменија условите, Новак се прилагоди подобро, а кој ќе се прилагоди заслужува да победи. Нема сомнение дека тој го заслужи тоа“, изјавил Надал.

Надал се осврна особено на третиот сет, кој беше прогласен за класика скоро веднаш по крајот:

„Тоа е спорт. Понекогаш победувате, понекогаш губите … Се обидов, го дадов својот максимум. Не ми беше денот, тие не беа добри позиции за удари, а против играч кој ја напаѓа топката толку рано, ако не сте во можност да го избркате од позиција, станува многу тешко. Имав голема шанса на 6:5, топка за сет, втор сервис … Се можеше тогаш да се реши. Направив двојна грешка. Имаше луди поени, имаше дури и замор. Грешки се случуваат, а ако сакате да победите, тие не смеат да се случат. Борбата беше одлична, се обидов, но не ми беше денот“, додаде Рафа.

Ѓоковиќ го очекува Стефанос Циципас во финалето.

Слични содржини