Најавено затворање на Мадрид – локалните власти негодуваат

од Vladimir Zorba

На жителите на Мадрид ќе им биде забрането непотребно да го напуштаат градот, а на посетителите исто така ќе им биде забранет влез во градот, доколку тоа не е неопходно, предвидуваат новите мерки против коронавирусот, објавени од шпанската влада.

Планирани се нови мерки и за уште девет градови.

Министерот за здравство Салвадор Иља на прес-конференција рече дека новите мерки ќе стапат на сила во наредните денови, но тој не прецизираше кога, пренесе „Ројтерс“.

Според новите правила, на луѓето ќе им биде дозволено да одат од општина до општина само за да одат на работа, училиште, лекар или да купуваат.

Исто така, се планира работата на баровите и рестораните да биде ограничена до 23 часот, наместо до 1 часот наутро како порано, а јавните паркови и игралишта ќе бидат затворени.

Собирите ќе бидат ограничени на шест лица.

Шефот на регионалната здравствена служба Енрике Руиз Ескудеро изјави дека локалните власти не се согласуваат со одлуката за затворање на Мадрид и дека одлуката не е законски валидна.

Тој додаде дека ситуацијата во Мадрид се стабилизира и дека локалните власти се подготвени за дијалог со централната влада, пренесува Танјуг.

Регионот Мадрид во моментов е жариште на инфекцијата, а во него е евидентирана третина од 133.604 случаи кои се потврдени во последните две недели.

Мадрид има 735 активни случаи на 100.000 жители, што е повеќе отколку во кој било друг регион на Европа и двојно повеќе од националната стапка.

Конзервативното регионално собрание веќе воведе карантин во 45 претежно сиромашни области со претежно мигрантско население.

Слични содржини