Најчевска: Изјавата на Курти за случајот „Монструм“ е крајно непримерен чин

од Берта Китинска

Изјавата на премиерот на Косово, Албин Курти дека ќе побара меѓународна помош, во врска со екстрадицијата на двајцата сторители на петкратното убиство кај Смилковско Езеро  е крајно непримерен чин од страна на премиер на соседна држава, вели проф. д-р Мирјана Најчевска во изјава за „Локално“.

-Ова е прашање за кое треба да расправаат правосудни органи, а не политичари. Се друго претставува атак врз суверенитетот на државата и така треба да биде третирано и адресирано од македонските власти.Станува збор за граѓани на Северна Македонија кои се осудени за тешко кривично дело кое на ниту еден начин не е поврзано со политичка припадност или политички прогон. Доколку постои сомнеж во процедурата може да се поведе постапка пред Европскиот суд за човекови права , коментира  проф. Најчевска.

Премиерот на Косово во изјава за медиумите  при посетата на нашата земја кажа дека ќе побара меѓународна помош, во врска со екстрадицијата на двајцата сторители на петкратното убиство кај Смилковско Езеро, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, објаснувајќи дека имало и други предмети во земјава кои, според негово убедување, не се разјаснети до крај и ја немаат целосната вистина .

„Знаеме дека од минатото наследивме трагични случаи и тешки предмети. Но има и други предмети кои според мое убедување не се разјаснети докрај и ја немаме целосната вистина. Заедно со премиерот Зоран Заев разговаравме за меѓусебна поддршка, но и за меѓународна помош, како би имало правда и за двете земји, но и за жртвите, како би се научила вистината на крајот”, изјави Курти.

Скопје бара од Приштина екстрадиција на двајцата осудени во Монструм, кои со години се во Косово. Африм Исмаиловиќ, еден од осудените на доживотен затвор во процесот „Монструм“, во април годинава беше уапсен во Косово.Исмаиловиќ и Демири се осудени во отсуство на доживотен затвор затоа што на 12 април 2012 година кај Смилковско Езеро извршиле петкратно убиство.

Слични содржини