Најчевска: Политичарите се виновни зошто македонските граѓани веруваат дека КОВИД-19 е создаден во лабораторија за контрола на луѓето

од Nikola Popovski

Професорката и експерт за човекови права, Мирјана Најчевска смета дека најголема вина има кај политичарите, поради тоа што граѓаните се повеќе веруваат кон теориите на заговор.

-Денес на Еуроњуз, една од главните вести беа податоците од ова истражување. Спикерката и тој што ги коментираше, со голема потешкотија се воздржуваа да не прснат од смеење. Македонија изби во првите вести во европските медиуми со неславните податоци. Прстот е вперен кон политичарите. Погрешното разбирање на демократијата и злоупотребата на демократските институции доведоа до ваква ситуација. Тие ја извадија паролата „народот е во право и кога греши“, вели Најчевска во емисијата „Топ тема“.

Според неа, политичарите грешат кога ја кажуваат паролата во секоја комуникација со граѓаните.

-Отсуството на професионалност во државните институции ја раѓа најголемата недоверба на граѓаните. После тоа, се преточува во вакви небулози. Луѓето веќе никому не веруваат, односно веруваат во тоа што ќе видат на Гугл, Википедија и жолтиот печат, потенцира Најчевска.

Околу 65 отсто од граѓаните во земјава веруваат дека КОВИД-19 е создаден во лабораторија за контрола на луѓето, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од Институтот за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦС) во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО).

Исто така, 46% од граѓаните сметаат дека климата ја контролираат сателити и радари, 44% дека повеќе смртни случаи има забележано од Ковид затоа што Министерството за здравство дало пари, 46% дека вирусот е прскан од авиони, сметаат 29% дека климатските промени се измислица и 57% дека големите медиуми шират лаги.

Слични содржини