Најдобрите бустер дози ги имаат Фајзер и Модерна, покажа истражување од Британија

од Nikola Popovski

Вакцините направени од Фајзер и Модерна се покажаа како најдобра трета, бустер доза, покажа истражување во Велика Британија.

Научниците комбинираа вакцини одобрени за употреба во Британија и повеќето од нив се покажа дека го подобруваат имунитетот како трета доза, но Фајзер и Модерна се покажаа како најефективни.

Студијата покажа дека половина од дозата или целата доза од вакцината Фајзер и целата доза на Модерна најдобро го подигаат клеточниот имунитет, без разлика дали некој претходно ги примил тие две вакцини или АстраЗенека, која првпат беше одобрена во Британија, пренесува Гласот на Америка.

АстраЗенека, Новавакс, Џонсон и Џонсон и Кјурвак исто така беа тестирани како бустер дози и секоја обезбеди одредена заштита како трета доза.

Некои комбинации според оваа студија не се ефикасни, така што вакцината Валнева дадена како трета доза ги зголемува антителата по АстраЗенека, но не и по Фајзер.

Студијата покажа дека бустер вакцините помагаат да се зајакне клеточниот одговор на соевите Бета и Делта, што игра клучна улога во долготрајната заштита.

Имунологот од Универзитетот во Саутемптон, Сол Фост, смета дека тоа е добар показател.

„Се чини дека Т-клетките се бранат од варијанти на вирусот, што ни дава надеж дека вакцините што ги имаме ќе обезбедат доволно имунитет за да се избегне хоспитализација и смрт, а можеби и да се спречи инфекцијата“.

Студијата е направена пред да се регистрира новиот сој Омикрон, но Фост најави дека овие податоци ќе бидат додадени во истражувањето, пренесува Гласот на Америка.

Слични содржини