„Најголемата кражба на доверливи информации во историјата на ЦИА“: Осуден инженер

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот софтверски инженер на ЦИА, Џошуа Шулте, е прогласен за виновен за најголемата кражба на доверливи информации во историјата на ЦИА.

Тој вчера беше прогласен за виновен по девет точки од обвинението во Окружниот суд во САД, врз основа на одлуката на поротата што расправаше од петокот, пренесува АП.

Шулте, кој избра да се брани на повторното судење во Њујорк, во завршните зборови на поротниците им кажа дека ЦИА и ФБИ го направиле жртвено јагне за срамното јавно објавување на куп доверливи податоци на разузнавачките и безбедносните агенции од страна на „Викиликс“ во 2017 година.

Обвинението го терети дека му ги дал на увид на сајтот „Викиликс“ алатките за сајбер хакирање на американската влада, кои беа објавени во март 2017 година.

Американскиот обвинител Демијан Вилијамс во изјава рече дека Шулте е осуден за „еден од најдрските и најштетните акти на шпионажа во американската историја“.

Датумот на изрекување на пресудата сè уште не е одреден, бидејќи Шулте сè уште го чека судењето за обвиненијата за поседување и дистрибуирање на детска порнографија, за што тој се изјасни за невин, според АП.

Слични содржини