Најголемите американски донатори: За 5 години подариле преку 14 милијарди долари – меѓу нив и Џорџ Сорос

од Nikola Popovski

Американското списание Форбс, истражуваше кои се најголемите донатори во САД, земајќи ги во обзир податоците во периодот 2014-2018 година.

Форбс напоменува дека тие само ги пресметале парите кои дошле до крајните корисници, а не и оние што биле ветени.

Американското списание направи список на 25 најголеми донатори и еве ги најголемите, пренесува Инвеститор.

Најголемиот американски филантроп и донатор е инвеститорот Ворен Бафет, кој за пет години донирал дури 14,7 милијарди долари. Неговото вкупно сегашно богатство е 90 милијарди долари.

Ако ги земеме податоците од 2006 година до денес, тој направил вкупна донација од 34 милијарди долари преку акциите на неговата компанија Бершир Хатавеј.

Најмногу пари дал во „Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс“, кои се негови пријатели. Фондацијата е посветена на борбата против сиромаштијата и подобрување на здравјето во земјите во развој.

Тој исто така помага во образованието, социјалната правда и правата на жените преку фондации што ги водат неговите деца.

Втор на списокот на најголеми донатори се Бил и Мелинда Гејтс, кои донирале 9,9 милијарди долари за пет години. Нивното сегашно богатство е 109,6 милијарди долари.

Тие ја водат најголемата хуманитарна фондација во светот, која има 46,8 милијарди долари пари и средства под управување.

Непрофитната фондација се фокусира на глобалната сиромаштија, економскиот развој, здравството, образованието и вкупно има донирано 50,1 милијарди американски долари преку грантови од основањето во 1994 година.

Третиот најголем донатор е Џорџ Сорос, кој главно се фокусира на економскиот развој и човековите права. Тој потроши 3,1 милијарди долари  за пет години, а неговото вкупно богатство се проценува на 8,3 милијарди долари.

Унгарецот кој живее во САД е познат по фондацијата „Отворено општество“, која е особено присутна во Источна Европа. Таа фондација генерално поддржува проекти како што се борбата за избирачко право, реформа на правосудните системи, слобода на медиуми и иницијативи за човекови права.

Четвртиот најголем американски донатор е Мајк Блумберг, кој се фокусира на климатските промени и здравјето, за што потроши 3 милијарди долари во текот на пет години.

Поранешниот градоначалник на Њујорк и претседателски кандидат е особено заинтересиран за контрола на оружјето, јавното здравство и животната средина.

Неговата фондација, „Блумбершкиот филантроп“, потроши повеќе од една милијарда американски долари за да го спречи пушењето цигари во последната декада.

Петти на листата најголеми донатори се членовите на семејството Волтон. Тие инвестираат во едукација и конзервација на животната средина, а за пет години дадоа 2,3 милијарди долари. Но, тоа е само дел од неверојатните 181,4 милијарди долари што ги има најбогатото семејство во светот.

Семејството Волтон е сопственик на големиот синџир на продавници низ светот, Волмарт.

Слични содржини