Најмалку 14 лица загинаа, а 123 се повредени во авионската несреќа во Индија

од Vladimir Zorba

Најмалку 14 лица загинаа, а 123 се повредени во несреќата на авионот „Ер Индија експрес“ кој при слетување по силен дожд во Индија се лизна од пистата и се преполови.

Авионот, кој според медиумите патувал од Дубаи до Кохикоде, во државата Керала во јужна Индија, пренесувал 190 луѓе.

Претставникот на полицијата Абдул Карим изјави дека еден од пилотите е меѓу загинатите и дека 15 од повредените се во критична состојба.

Портпаролот на Министерството за цивилно воздухопловство, Раџив Џаин изјави дека не избувнал пожар на Боинг 737 по слетувањето и разделувањето во два дела.

Тоа беше лет што враќал индиски граѓани во земјата, соопштија властите.

Редовните комерцијални летови се суспендирани во Индија поради епидемијата на коронавирусот.

Џаин рече дека имало 174 полнолетни патници, 10 деца, двајца пилоти и четворица членови на екипажот.

Амитаб Кант, шеф на владината комисија за планирање, рече дека пистата се наоѓала на еден рид со длабоки расекувања од обете страни, што го отежнува слетувањето.

„Инцидентот се случил поради силниот дожд и слабата видливост, ова е навистина ужасно“, рече тој за НДТВ.

„Ер Индија експрес“ е подружница на „Ер Индија“.

Индискиот премиер Нарендра Моди напиша во порака на Твитер дека е тешко погоден од авионска несреќа во Кохикоде и дека разговарал со шефот на државата Керала.

Слични содржини