Најмногу новозаразени во Шпанија има меѓу НЕВАКЦИНИРАНИТЕ

од Stefanija Kuzmanovska

Повеќето нови случаи на ковид-19 во изминатите пет недели во Шпанија се откриени меѓу невакцинирани граѓани, истакна министерката за здравство на таа земја, Каролина Даријас.

Во последните 24 часа, во Шпанија се потврдени дури 27.286 нови случаи на инфекција на коронавирус и 29 смртни случаи кај пациенти со ковид, пренесува „Ројтерс“, а откриени се само 5,5 проценти од новите случаи кај популацијата која е целосно вакцинирана, рече Даријас и додаде дека 4 проценти од новозаболените лица биле вакцинирани со една доза, а дури 83,1 процент од новоинфицираните лица воопшто не биле вакцинирани.

„Мораме да ја одржиме динамиката на вакцинирање што ја постигнавме, бидејќи тоа ќе ни обезбеди заштита со која ќе можеме да уживаме во летото“, рече шпанската министерка за здравство на прес-конференција.

Дневниот број на нови случаи на ковид-19 во Шпанија постојано расте од крајот на јуни.

Во оваа земја со 46,9 милиони жители, досега се потврдени вкупно околу 4,2 милиони случаи на ковид-19 и 81.148 смртни случаи меѓу заразените со коронавирус.

Слични содржини