„Најсилни“ пасоши во светот: Македонскиот на 42-то место

од Nikola Popovski

Јапонија и натаму е сопственик на најсилниот пасош во светот, судејќи по индексот „Хенли пасош“, според кој македонскиот пасош е на 42. место, односно нашите граѓани можат да патуваат во 125 земји без виза.

Имено, индексот за „најсилен пасош“ се одредува според тоа во колку земји граѓаните на една земја можат слободно да патуваат, односно без виза.

Кога се во прашање земјите од регионот, Словенија е најдобро рангирана. На 10-то место се најде пасошот на таа земја, чии граѓани заедно со Естонците и Литванците можат да заминат во 181 земја во светот. Хрватскиот пасош е на 17-та позиција (173 земји).

Српскиот пасош е на 36. место со можност за слободно патување во 135 земји. Пасошот на Босна и Херцеговина (БиХ) се наоѓа на 47. (117), а Албанија на 49. (114).

Судејќи по оваа листа, граѓаните на Црна Гора со пасош, кој е на 43-то место, можат без виза да патуваат во 123 земји, а тоа е непроменетата состојба во однос на 2018 година.

Кога станува збор за Јапонија, која со години е на првата позиција, граѓаните на таа земја можат слободно, односно без визи да одат во дури 192 земји, што е подобрување во однос на 2018 година, кога Јапонците можеа да одат на 189 земји без визи.

Јапонија го дели првото место со Сингапур, кој беше на второто место во 2018 година.

Германскиот и јужнокорејскиот пасош се на второ место, додека третото место го делат Финска, Италија, Луксембург и Шпанија, чии граѓани можат без виза да одат во 189 земји.

На четвртото место се најдоа Австрија, Данска, Франција, Холандија и Шведска. Според овој индекс, нивните граѓани без виза можат да одат во 188 земји.

Ирска и Португалија се на петтото место (без визи во 187 земји), а потоа следат Белгија, Нов Зеланд, Норвешка, Швајцарија, Обединетото Кралство и САД (186). Романија е на 16. место (174), а Бугарија на 17. (173).

Најлоши пасоши имаат граѓаните на Авганистан, Ирак, Сирија, Пакистан, Јемен и Сомалија, чии граѓани без визи можат да патуваат во околу 30 земји, објави „Блиц бизнис“.

Слични содржини