Најважно е ниту една иницијатива да не го поремети мирот во регионот, вели Османи за нон-пејперот на Јанша

од Vladimir Zorba

Европската и евроатлантската интеграција на регионот на Западен Балкан е решението, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со наводниот нон-пејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша. Во однос на содржината на нон пејпер Османи вели дека со интензивирање на дебатата за затворање на големите прашања во регионот ќе се појавуваат различни шпекулации, дел со добра намера, дел со лоша намера, дел автентични, дел неавтентични.

Османи денеска на прес-конференцијата на која го претстави првиот дел од пилот проектот за идните економски советници на МНР, одговараќи на новинарско прашање истакна дека регионот е сложен, со сложени односи.

-Имаше различни обиди и модели како да се доведе до траен мир, помирување и прогрес. Мој став е дека два модела се покажаа како најуспешни во регионот. На државно ниво тоа е Охридскиот договор, на регионално ниво е евроатлантската перспектива, која што не доведе во ситуција за две децении од регион во којшто имаше конфликти, војни, пред неколку месеци во Софија да потпишеме Договор за заеднички пазар меѓу земјите од Западен Балкан, вели шефот на дипломатијата.

Додава дека тоа е исклучителен квантен скок во односите и во процесот на помирување и тоа е преку силата на евроатлантската интеграција.

-И затоа е многу важно да продолжи проширувањето на НАТО во регионот и јасната перспектива за интеграција во ЕУ и само тоа ќе ги неутрализира сите алтернативни обиди коишто еве јас ви кажувам дека ќе ги има во наредниот период. Најважно е ниту една иницијатива да не го поремети и го предизвика мирот во регионот. Сметам дека решението е евроатлантската интеграција на регионот, порача Османи.

Министерот за надворешни работи повика на внимателност при поврзувањето на одредени иницијативи со одредени држави.

-Пред се, кога немаме факти или докази за тоа. Мислам дека и премиерот Јанша и сите словенечки претставници ја отфрлија нивната поврзаност, односно нивното авторството во врска со овој нон-пејпер. Знаете, во надворешната политика шпекулациите може да ги чинат скапо меѓународните односи и затоа треба да бидеме многу внимателни кога немаме никакви потврди или докази дека една иницијатива е поврзана со одредена држава, рече Османи.

Шефот на дипломатијата истакна дека Словенија е наш голем пријател и поддржувач, а тој е во редовна комуникација со нејзините власти. Изрази уверување дека нема никаква промена на стратегијата на Словенија кон регионот, кон Северна Македонија, а тоа, како што рече е докажано постојано со зборови и со дела. Додаде дека за тоа добил потврда и од неговиот словенечки колега.

Тој ги коментираше и вчерашните тврдења на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во интервју за Канал 5, рече дека разговарал со Јанша и оти тој му пренел дека таков документ нема. Според Мицкоски Јанша му кажал дека Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев креирале сличен таков нон пејпер кој што се шири по Европа и наведе дека можеби тој документ ќе им биде познат на граѓаните на Македонија во многу скоро време.

-И вовлекувањето и од страна на лидерот на опозицијата на премиер на пријателска земја, на ваков нон пејпер без автор, во внатрешната политичка дебата, е најмалку несмасно и може да го наруши и имиџот на земјата, меѓутоа и пријателските односи коишто ги имаме и со Словенија па и со другите држави. Затоа треба да бидеме многу внимателни по однос на овие прашања бидејќи, да се повторам уште еднаш, во надворешната политика шпекулациите можат да ги чинат скапо односите помеѓу државите во меѓународните односи воопшто, порача шефот на дипломатијата, Бујар Османи.

Слични содржини