Најжесток напад од Газа во последните неколку месеци – одмазда со истрелани 20 ракети

од Nikola Popovski

Палестинските екстремисти од појасот Газа вечерва испукаа околу 20 ракети кон јужен Израел, соопшти израелската војска.

Како што е наведено, десет ракети биле пресретнати од израелскиот ракетен систем „Железна купола“.

Тоа било најжестокото ракетно лансирање од Газа после неколку месеци, но без повредени и загинати, објавија израелските медиуми.

На ракетниот оган му претходеше конфликт на границата Газа-Израел во кој еден Палестинец беше убиен, член на Исламскиот џихад, а друг беше повреден додека се обидуваше да постави експлозив.

Ракетниот напад се чини дека е одмазда на екстремистичките организации во појасот Газа.

Исламскиот џихад и Хамас, кој управува со Газа, објавија дека „крвта на мачениците не е пролеана залудно“.

Додека израелските војници, придружувани од тенкови, го носеа телото на убиеното Палестинец од тампон-зоната околу појасот Газа, група Палестинци фрлале со камења врз нив. Се слушнале и истрели, а палестинските медиуми објавија дека четворица лица биле ранети од израелски оган.

Слични содржини