Намалување на даноците и поповолни услови за инвеститорите најави Мицотакис од Солун

од desk4

Под мотото „Развој за сите“, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на отворањето на 84-от Меѓународен саем во Солун ја претстави владината програма за следните 12 месеци, соопштувајќи мерки во четири области поврзани со развојот и најави даночни олеснувања што ќе бидат вклучени во буџетот за 2020, jави дописничката на МИА од Атина.

Тој рече дека во неговиот прв говор како лидер на опозицијата го повикал народот на „Договор на вистината“, а сега во првиот говор како премиер, ги повика Грците на „Договор на создавање, активност, резултат, обнова и напредок“. Истакна дека земјата свртила нова страница и „тоа се гледа на лицата на граѓаните“.

-Грција не е повеќе црна овца во Европа. Туку е земја со самодоверба што активно учествува во европските случувања. Што не говори само за нејзините проблеми, туку бара заеднички решенија за големите предизвици на нашиот континент. Од климатските промени и технолошката револуција до бегалското прашање и можностите на заедничка одбранбена политика, рече Мицотакис.

Во 75-минутното обраќање, тој акцентот го стави на развојот и економијата, како клучни за секој чекор на земјата, но и услов за безбедноста и просперитетот.

-Четири се главните области, чии активности ќе му служат на развој: Даночна политика, инвестиции, односите на работниците и продуктивната дигитална држава, рече грчкиот премиер.

Меѓу другото, Мицотакис најави намалување на данокот на бизнисите од 28 на 24 отсто; пролонгирање за три години на ДДВ-то за новите градби; 40 отсто попуст за трошоците за реновирање или надградба на постоечките објекти; производите за бебиња, детските седишта и кацигите се вклучуваат во категоријата со намалено ДДВ од 13 отсто; за секое новороденче во 2020 семејството ќе добие 2000 евра.

Во однос на инвестициите истакна дека веќе се работи на многу бизнис планови планирани до крајот на оваа година, а најави и инвестиции во туризмот, како и нови поволни услови за инвеститорите.

-Веднаш ќе се одредат поповолни услови за привлекување стратешки инвестиции. Ќе се поедностават лиценците поврзани со животната средина според европските стандарди. Се олеснува и поставувањето деловни паркови. За информирање и привлекување инвеститори, ќе се формира Регистар со инфраструктура на целата земја и дигитална мапа, истакна грчкиот премиер говорејќи за инвестициите.

Тој говореше и за владината цел за заштита на вработените како и отворање нови работни места.

За четвртата област, за дигиталната реалност рече дека Грција е меѓу последните на сите дигитални индикатори, се наоѓа на 26 позиција од 28 земји членки на ЕУ и истакна дека нивна заложба е во следните четири години, Грција да се најде во просекот.

При крајот на обраќањето, во делот од говорот што се однесуваше на Северна Грција, Кирјакос Мицотакис се осврна и на промоцијата, заштитата и зајакнувањето на производите што го носат називот „македонски производи“ и на брендот „Македонија“.

Слични содржини