Наместо ефтина тарифa, на стопанството му треба инвестициско субвенционирање во обновливи извори на енергија

од Берта Китинска

Воведувањето на ефтина тарифа на електричната енергија ќе биде несомнена помош во работењето на малите и средни претпријатија бидејќи несигурното снабдување со енергенси и енормно високите сметки за потрошена енергија, ги зголемува цените на крајните продукти.

Работодавачите се согласни дека најавеното тарифирање ќе ги намали трошоците на компаниите во чиј краен продукт струјата учествува во голема мера, но сметаат дека на стопанството му е потребно инвестициско субвенционирање и тоа во делот на обновливи извори на енергија.

Субвенционирањето на компаниите со воведување на ефтина тарифа е можеби помош, но ние треба да размислуваме на долг рок. Само инвестициско субвенционирање може да има економски поврат на средства. Субвенционирање на трошоци, само не води во поголем буџетски дефицит. Потребна е инвестициска помош, компаниите да бидат инвестициски поддржани во делот на обновливи извори на енергија. Така, ќе бидеме сите мотивирани да вложуваме за посигурна иднина, вели за „Локално“, Владанка Трајкоска од компанијата “Раде Кончар”.

-Дел од работодавачите признаваат дека навреме не го предвиделе бенефитот од инвестирање во фотоволтаици но дел од вината ја лоцираат и во институциите. Ако државата ги субвенционираше обновливите извори на енергија , немаше да имаме потреба од ефтина тарифа за компаниите, вели Трајкоска.

-Ние веќе ја направивме првата инвестиција во поставување на фотоволтаична централа, но мора да признаеме дека задоцнивме. Се соочуваме со сериозни административни бариери а цената на бирократската пасивност ја плаќаме сите ние. Во момент на енергетска криза, оптеретени сме со обезбедување на потврди, одобренија и дозволи кои би требало да бидат преточени во еден акламаторен документ кој компанијата ќе го добие во рок од 24 часа. Компанија во целост ги сноси трошоците за поставување на фотоволтачната централа, но пресметките велат дека доколку не го направиме сето ова веднаш, ќе сносиме големи загуби. Искрено, очекувавме поголема освестеност од институциите во овој дел. Доколку државата покажеше интерес за субвенционирањето во обновливи извори на енергија и олеснување на административните елементи, денес немаше да има потреба од изнаоѓање на решенија од типот на ефтини тарифи за компаниите. Компаниите денес ќе беа оние ќои ќе инпутираа електрична енергија во мрешата, децидна е Трајкоска.

Компанијата Макстил како голем потрошувач на електрична енергија, уште од 2009 година своите потреби ги задоволува од европските берзи за електрична енергија. Според очекувањата на првиот човек на комбинатот, Петар Јаневски, цената на електричната енергија на берзите во август/септемрви ќе биде околу 400 евра за MWh.

Само во изминатите неколку дена цената на гасот повторно почна галопирачки да расте и нормално цената на струјата го следи тој тренд. Од она што го гледаме на берзите, очекувана цена на електричната енергија за август/септември 2022 год. ќе биде помеѓу 380-430 ЕУР за мегават час што е неколкукратно повисока од цената на електричната енергија за домаќинствата и малите и средни потрошувачи во индустријата во земјата.

-Макстил денес има цена од 300 евра за мегават а малите потрошувачи и домаќинствата во Македонија плаќаат отприлика 110-150 евра за мегават. Трошокот за производство во 2022 година во однос на 2021 година само по основ на зголемените цени на струјата е речиси 60%, бидејќи Макстил уште од август 2021 година плаќа многу повисока цена од домаќинствата и малите потрошувачи, вели за „Локално“ Јаневски.

Во насока на намалување на негативните ефекти од кризите врз стопанството, Јаневски на краток рок очекува фискални стимуланси од државата за оваа индустрија, но согласен е дека најголем дел од товарот, компаниите ќе мора да го сносат сами.

-Мораме да бидеме свесни дека спиралата на покачување на цените не може да застане со еднократни одлуки и за истото е потребно системско и синхронизирано делување на монетарните, фискалните и регулаторните власти во земјата. НБРМ и министерството за финансии се најмногу засегнати во овој момент да имаат тесна соработка во насока да се намали инфлаторнот притисок, како и останатите министерства кои имаат регулаторни тела во своите рамки, објаснува Јаневски.

К.В.С.

Слични содржини