Напад на вработена во младинскиот центар „Сакам да знам“

од Nikola Popovski

Министерството за внатрешни работи (МВР) го расчистува нападот во младинскиот центар „Сакам да знам“-Водно“.

-Министерството за внатрешни работи има нула толеранција кон заканите за безбедноста на било кој граѓанин и континуирано презема мерки за санкционирање на ваквите појави. Ја известуваме јавноста дека се преземаат неопходните мерки и активности за расчистување на пријавениот напад во текот на вчерашниот ден врз вработена во младинскиот центар „Сакам да знам“-Водно кога, според пријавеното, едно лице упатувало закани и навреди кон вработената.

МВР во координација со Обвинителството презема и мерки и активности за случаите на говор на омраза кон вработени во организацијата Хера. Најостро ги осудуваме ваквите појави и ги охрабруваме граѓаните да ги пријавуваат ваквите случаи во најблиската полициска станица или на мејлот cybercrime@moi.gov.mk, а ние во координација со Обвинителството ќе ги преземеме неопходните мерки и активности за соодветно санкционирање, соопштија од полицијата.

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување најостро го осуди нападот со умисла врз нејзина вработена.

-Имено, возрасно машко лице влезе во Центарот за да се информира за достапните услуги, наводно заинтересиран заради здравјето на неговите деца. Додека вработената му ги објаснуваше различните видови на тестирања за сексуално преносливи инфекции, тој почнал да ѝ упатува навреди од типот на „соросоидна к***а“ и отворено да се заканува дека ќе ја запали и неа и Центарот доколку викне полиција. На овој начин, тој ја загрозил нејзината безбедност, како и безбедноста на сервисот на организацијата. Притоа, особено загрижува фактот дека посетата на Центарот и нападот врз вработената се направени со умисла, велат од ХЕРА.

Слични содржини