Напад со нож во воз во Германија – има мртви и ранети

од Vladimir Zorba

Најмалку две лица го загубија животот, а неколку други се повредени во напад со нож во Германија што се случи во средата попладне во регионален воз од Кил за Хамбург, во близина на станицата во градот Брокштет. Според портпаролот на германската федерална полиција, малку пред 15 часот маж нападнал патници со нож.

Голем број припадници на полицијата и итната помош се на терен, пишува „Билд“. Полицијата опколи и голем дел од просторот околу железничката станица во градот. Според првичните информации, неколку лица загинале, а некои се повредени, потврдил за РТЛ портпаролот на полицијата, додавајќи дека засега нема веродостојни информации за сторителот.

РТЛ јавува дека полицијата уапсила маж осомничен дека е сторител, а Зидојче цајтунг наведува дека најмалку седум лица се повредени.

Заднината и мотивот на нападот се уште не се познати, а железничката станица е затворена поради интервенција на полицијата. Очевидец изјавил за порталот KN-online дека луѓето во неговиот вагон ги фатило паника кога три девојки притрчале и пријавиле дека во возот има маж со нож.

Дојче бан во твит потврди дека рутата помеѓу Брокштет и Вирст е затворена и дека ќе се користат алтернативни рути.

Слични содржини