НАПРАВЕТЕ РАЗЛИКА: Што е епидемија, а што пандемија?

од Elena Daskalova

Во време кога светот живее во постојан страв од масовно заразување со коронавирусот, СЗО предупредува дека засега нема црвен аларм за пандемија, туку дека се работи за епидемија на територија на Кина и вонредна состојба во другите земји каде се регистрирани случаи на заразени.

Но, најпрво да ја воочиме разликата меѓу ендемија, епидемија и пандемија.

Ендемија

Самиот корен на зборот ни покажува дека се работи за постојано присуство на одредена болест или зараза во ограничен географски регион, каде постојат услови за постојано пренесување на заразата. Најчесто, популацијата која е зафатена од ендемијата развива колективен имунитет, но за дојденец истите зарази можат да бидат фатални. Причинителите за ендемија најчесто се несоодветни услови за живот во конкретниот реон. Се работи за вообичаена појава на болести, зарази и инфекции.

Епидемија

Епидемијата е распространета заразна болест од која заболуваат поголем број луѓе на поширок географски регион, на пример покраина, цела држава или група соседни држави. Понекогаш во зависност од тежината на самата зараза, епидемија може да се прогласи и на цел континент. Во овој случај се работи за необично често појавување на одредена болест или инфекција во една или неколку сродно и географски блиски популации.

Пандемија

Пандемија, накратко, е епидемија на заразни болести која зазема големи географски региони и се шири меѓу повеќе популации од поголеми области, на еден цел континент, на повеќе континенти кои се или не се копнено поврзани или низ целиот свет. За да се прогласи пандемија, според СЗО, потребно е да се исполнат следниве три услови:

– да се појави дотогаш непознато заболување во дадена популација
– инфекцијата да предизвика тешки последици
– болеста да се шири брзо и да се задржи меѓу луѓето (или меѓу луѓето и живиот свет околу нив)

За да може да се прогласи пандемија на некоја болест, таа болест треба да е заразна. Крајната фаза во која состојбата на пандемија престанува е кога ќе се најде соодветен лек кој ја третира заразната болест.

Слични содржини