НАСА избра компании кои ќе ја утврдат „модната линија“ за Месечината

од Stefanija Kuzmanovska

НАСА во средата објави дека им наредила на две компании – Axiom Space и Collins Aerospace, да развијат вселенски одела што идните астронаути ќе ги носат на Месечината.

Овие одела ќе се користат и за Меѓународната вселенска станица (ISS), заменувајќи ги сегашните кои се во употреба веќе четириесет години.

„Во овие комбинезони (за астронаутите) ќе се пишува историја“, им рече на новинарите Ванеса Вајч, директорка на вселенскиот центар Џонсон, бидејќи „тие одела ќе ги носи првата обоена личност и првата жена што ќе стапне на Месечината“.

НАСА првично планираше сама да развие нови одела, но тоа беше значително одложено, а одлуката да се довери работата на две компании потврдува дека агенцијата, како и во последните години, систематски се одлучува за јавно-приватно партнерство. „Тоа ни овозможува да заштедиме бидејќи споделуваме инвестиции“, рече Вајч.

Двете компании инвестираат „значителна сума од сопствени пари“, се вели во соопштението на НАСА.

Детали од договорот се уште не се откриени, но програмата има „плафон“ од 3,5 милијарди долари за услугата што ќе се пружа до 2034 година.

Слични содржини