НАСА загрижена за планот на милијардерот за вселената

од Milan1

НАСА изрази загриженост поради планот на компанијата „Спејс Икс“ на милијардерот Илон Маск да испрати во орбитата дури 30.000 сателити „Старлинк“. Компанијата „Спејс Икс“ доби одобрение за 12.000 сателити кои служат за брзата интернет мрежа, а побараа и дозвола за втората генерација, вкупно 30.000 сателити.

НАСА во документот до американската Федерална комисија за комуникации наведе дека е загрижена поради можните „блиски средби“ на вселенските летала, но и опасноста од влијание врз научните и мисии со екипаж во вселената, пишува „Гардијан“.

Американската вселенска агенција навела дека моментално во орбитата има 25.000 набљудувани објекти (најголем број е таканареченото вселенско ѓубре), а доколку компанијата на Маск ги лансира сите свои сателити, бројот на објекти во орбитата би се удвоил.

Џонатан Мекдауел, астрофизичар од Харвард-Смитсонијан, кој е член на панелот на Американското астрономско здружение кое го испитува влијанието на сателитите врз астрономијата, вели дека постои загриженост дека голем број сателити во орбитата би можеле да влијаат на научните вселенски истражувања.

„Мислам дека ни треба повеќе искуство со неколку илјади оперативни сателити пред да ставиме десетици илјади во орбитата“, рече тој.

Од „Спејс икс“ не ги коментираа ставовите на НАСА, а Елон Маск неодамна на Твитер напиша дека компанијата има 1.469 активни сателити и 272 кои наскоро ќе се најдат во орбитата.

Компанијата на Маск не е единствената, бидејќи компанијата „Амазон“ на уште еден милијардер, Џеф Безос, има планови да лансира повеќе од 3.000 слични сателити преку својот „Проект Кујпер“ вреден 10 милијарди долари.
„Амазон“, но и американскиот сателитски провајдер „Диш нетворк“, исто така испратија барање до Федералната комисија за комуникации на истата тема како и до НАСА.

„Амазон“ побара од Федералната комисија за комуникации „разумни услови“ бидејќи „орбиталното преклопување драматично ќе ги зголеми ризиците и ќе го оптовари „Кајперовиот“ систем.

Слични содржини