Насекаде без пречек на Новата година, освен на две места во светот – тврдат дека ја победиле короната (ФОТО)

од Nikola Popovski

Низ целиот свет, 2021 година беше пречекана многу поскромно, со огномет, но без присуство на голем број граѓани и прослави на улиците и плоштадите заради епидемиските мерки.

Исклучок беше Нов Зеланд, каде што на доаѓањето на Новата година присуствуваа илјадници луѓе, бидејќи земјата излезе од карантин.

Улиците на Париз синоќа беа морничаво празни, бидејќи во земјата е на сила полицискиот час поради коронавирусот. Само мал број автомобили беа видени на Елисејските полиња и во близина на Триумфалната порта, откако часовникот чукна на полноќ.

Во Версајскиот дворец, недалеку од престолнината на Франција, бил отворен огномет за да се слави надежта, уметноста и културата, но за да им се оддаде почит на лекарите, херои на модерното време. Претседателот Макрон ѝ се обрати на нацијата.

„Годината завршува како што помина, со ограничувачки мерки. Јас сум целосно свесен и убеден дека иако мерките што ги донесовме донесоа жртви, го направивме вистинскиот избор во вистинско време. Сакам да им се заблагодарам на сите за духот на споделена одговорност, со што спасивме безброј животи“, рече Макрон.

Во Германија забранет и огнометот

И во Германија се на сила строги мерки, така што немаше масовни собири, а огнометот беше забранет.

Поради тоа, граѓаните се обидоа да направат огномет од своите балкони, што предизвика десетици пожари низ целата земја.

Само во првите шест минути од новата година во Берлин, пожарникарите морале да интервенираат на 18 места. Нема пријавено повредени. Канцеларката Ангела Меркел испрати лична порака до нацијата.

„Мислам дека не претерувам кога велам дека никогаш не била толку тешка година за нас во последните 15 години и никогаш, и покрај сите грижи и скептицизам, не очекувавме нова со толку многу надеж“, истакнала Меркел.

Во Москва, 2021 година беше пречекана со огномет над Црвениот плоштад и Кремљ, но тој простор беше празен поради ограничувачките мерки.

Повеќето граѓани славеа дома бидејќи сите барови и ресторани беа затворени во 23 часот. Сепак, десетици московјани го гледаа огнометот од лизгалиштето недалеку од Кремљ.

Тајмс Сквер празен, улиците на Вухан полни

Во Њујорк, необична слика за дочекот на Тајмс Сквер. На традиционалното спуштање на новогодишната топка присуствуваа неколку десетици поканети гости, пред се здравствени работници кои се бореа против пандемијата во текот на целата година.

Градоначалникот Бил дел Бразио ги замоли жителите на Њујорк да останат дома оваа година и да гледаат како топката се спушта по екраните на телевизијата.

„Дојдов сепак, бидејќи тоа е дел од мојата традиција, ја прославував Новата година на Тајмс Сквер многу години. Сега сè е поинаку“, изјави Мет Возниак, градежен работник.

Во Вухан, каде изби епидемијата на коронавирус, граѓаните ја дочекаа 2021 година на улиците, каде присуствуваа на отчукувањето на часовникот на полноќ.

Слични содржини