Наспроти верувањата: Западен Балкан е еден од 6-те приоритети на Џо Бајден

од Nikola Popovski

Наспроти верувањето дека Западен Балкан, а со тоа и С. Македонија, нема да се најдат на картата на новата американска администрација во првата година, телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел го покажаа спротивното – дека овој регион е на списокот на приоритети за надворешната политика на двете земји. Во разговорот меѓу двајцата државници, решавањето на состојбата во Западен Балкан беше ставено на списокот на шесте најитни теми, покрај прашањата поврзани со Авганистан, Кина, Иран, Русија и Украина.

Извештајот за најважните заклучоци од телефонскиот разговор меѓу Џо Бајден и Ангела Меркел гласи:

„Претседателот Бајден денеска разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, пренесувајќи и ја желбата за продлабочување на односите меѓу двете земји. Тој ја изрази својата намера да го ревитализира трансатлантскиот сојуз, вклучително и НАТО и Европската унија, како камен-темелник на колективната безбедност и заедничките демократски вредности“, се вели во соопштението на германскиот кабинет.

Како што дополнително се додава, Западен Балкан, каде единственото горчливо прашање во моментот е решавање на односите и постигнување договор за релација Белград-Приштина, е ставен на самиот врв на приоритетите на САД и Германија.

„Водачите се согласија за заедничките приоритети во надворешната политика, вклучувајќи ги Авганистан, Кина, Иран, Русија, Украина и Западен Балкан. Лидерите, исто така, се согласија за важноста на глобалната соработка, вклучувајќи ја и обновената посветеност на САД кон мултилатерални организации, борбата против климатските промени, КОВИД-19 и подобрувања во здравствената заштита, како и продолжување на одржливото глобално економско закрепнување “, се вели во соопштението.

Џозеф Бајден, кој неодамна беше инаугуриран за нов претседател на Соединетите Американски Држави, и веднаш откако беше назначен на оваа позиција, започна сериозни кратења и повлече голем број одлуки на неговиот претходник Доналд Трамп.

Наспроти верувањето дека Бајден ќе има најмногу работа за ова прашање на почетокот на неговиот мандат и дека во овој момент нема да посветува многу внимание на надворешната политика, а најмалку на Балканот, јасно покажа новиот американски претседател дека Америка ќе биде многу вклучена во овој дел на Европа.

Слични содржини