Наставата ќе се состои од квизови со прашања и ќе се учи интерактивно

од Nikola Popovski

Онлајн учењето од први октомври ќе се одвива според новоизработената национална платформа, со која ќе се стандардизира учењето на далечина во ситуација на пандемија.

Надлежните ја презентираа денес од владината говорница, а беше прикажана симулирана училница, со единаесет ученици и наставничката, кои накратко покажаа како ќе изгледа учењето. Ќе има квизови со прашања и ќе се учи интерактивно. Властите тврдат дека платформата е лесна за користење и практична и ќе ја има на пет јазици: македонски, албански, турски, српски и бошњачки.

„Пандемијата на Ковид-19 ни покажа колку се важни и неопходни инвестициите во образованието. Горди сме што креиравме единствена национална платформа создадена од исклучиво домашни ресурси. Платформата е инклузивна, едноставна за користење и искрено верувам дека ќе ја засакаат и учениците и наставниците. Безрезервно ќе ги поддржам реформите во образованието кои ќе бидат врвен приоритет во наредните четири години“,  рече Заев и ги повика родителите, наставниците и учениците активо да се вклучат во образовните процеси.

Надлежните не исклучуваат потешкотии на почетокот на наставата.

„Периодот што следи нема да биде лесен за никого. Ниту за учениците, ниту за родителите, ниту за наставниците. Промените се тешки, а прилагодувањата бараат огромна жртва. Ги разбирам и оние што се загрижени за тоа како ќе се помине учебната година. Како да се обезбеди образование и да се заштити здравјето“, вели министерката за образование Мила Царовска.

Веќе се завршени обуките на 30 национални обучувачи, кои знаењето ќе им го пренесат на 1.600 наставници, номинрани за училишни обучувачи. Обуките се изведуваат на македонски, албански и на турски јазик.

Досега дефинитивно е одлучено дека настава со физичко присуство ќе следат учениците од прво, второ и трето одделение,а  се` уште се утврдува дали и децата од другите одделенија ќе може да одат на училиште во оние средини каде просторните услови тоа го дозволуваат, или исклучиво ќе следат онлајн настава.

Слични содржини