Настески: Општина Центар води несериозни преговори за одолговлекување на постапката за изградба на катната гаража

од Aleksandar Todeski

Општина Центар и сопственикот на „Никофон“, Никола Настески преговарале до пред еден месец со цел да не почне изградбата на барокна катна гаража на паркингот кај „Аутомакедонија“, но Настески се повлекол од преговорите бидејќи градоначалникот Саша Богдановиќ нагласил дека ниту тој, ниту жителите не сакаат на тоа место да никне деветокатницата.

Од општината за Локално велат дека тие, но и градоначалникот лично, вложуваат сериозни напори за да се најде решение кое ќе предизвика најмалку штета за сите засегнати страни. Во меѓувреме, Бодановиќ преку социјалните мрежи го повика Настески на средба со цел да најдат обострано прифатливо решение.

„Јас и жителите од околните згради сметаме дека таму, на тоа место, катна гаража не треба да има. Во тоа име, како прв човек на една транспаретна, отчетна и општина одговорна пред граѓаните, го повикувам Никола на разговор во мојот кабинет, за еднаш засекогаш да најдеме решение за овој голем проблем за жителите на Центар, но и на сите граѓани на Скопје“, напиша Богдановиќ на Фејсбук.

Локално го контактираше сопственикот на „Никофон“, Никола Настески кој ни изјави дека е подготвен да разговара со општинската власт со цел да најдат заедничко решение за проблемот на жителите на овој дел од Центар.

Фото: Screenshot/YouTube

„Преговаравме до пред еден месец, кога всушност сфативме дека општината води несериозни преговори, со единствена цел одолговлекување на постапката за изградба на катната гаража. Во секој случај, во интерес на станарите и Градот Скопје ние и понатаму сме отворени за сериозни преговори“, рече Настески.

Според планот за градба, 70 отсто од деветкатницата треба да биде катна гаража, а 30 отсто деловен простор, план по кој дошла и цената јавното земјиште да има почетна цена од 5.000 денари, а не цената по која се купило, 1.800 денари. Настески пак, вели дека е ирелевантно која била почетната цена за продажба на земјиштето, туку единствено било важно дека земјиштето се продало по цена од 6.150,00 денари, продажба која се случи во период кога градоначалник на општината беше Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ, но и кога почна менувањето на изгледот на Скопје преку проектот „Скопје 2014“.

За продажбата на ова земјиште и целта тука да се изгради барокен објект, жителите на овој дел поднесоа кривична пријава против ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ и експремиерот Никола Груевски. Кривична поднесе и општина Центар, бидејќи за нив е спорен договорот, јавната објава и лицитацијата.

Во меѓувреме, од Обвинителството реагираа дека двете кривични пријави, на граѓаните пред пет години и онаа на општината од пред неколку месеци биле нецелосни, па затоа обвинителите повикале претставник на општината за да ги даде неопходните појаснувања и да ја приложи потребната документација.

Го прашавме и Настески дали тој како купец на земјиштето бил повикан во обвинителството, бидејќи општина Центар ја спори целосната постапка преку која „Никофон“ стана сопственик на државното земјиште до „Аутомакедонија“, на што тој одговори дека него не му е познато дали има кривична пријава за купопродажбата на земјиштето.

„Во однос на обвинувањата дека за купопродажбата на земјиштето се поднесени кривични пријави, мене тоа не ми е познато, ниту сме учествувале во било какви активности. Земјиштето е уредно купено во постапка на јавно наддавање“, рече Настески за Локално.

По пет години неизвесност, од пред два дена „Никофон“ може да ги стави темелите на катната гаража со барокна фасада, но по бурните реакции на жителите на тој дел од општината, сопственикот на фирмата, Никола Настески ќе се обиде да најде решение прифатливо за сите.

Оваа градба дополнително ќе го отежни протокот на воздух до зградите кои се во билизна, бидејќи паркингот е единствен отворен простор кон кој гледаат станарите. Денеска на местото каде треба да се гради катната гаража немаше ниту полиција ниту насобрани граѓани, кои рекоа дека на секој начин ќе се обидат да ја спречат градбата на катна гаража пред нивните згради.

 

Александар Тодески

Фото: Борче Поповски

Слични содржини