НАТО експерт: Дополнителни санкции кон Турција им користат само на Кина и Русија

од Milan1

Независен експерт на НАТО предупреди дека дополнителните санкции на САД кон Турција поради купувањето руски системи за противракетна одбрана ќе бидат само од корист за Москва и Пекинг, противниците на Вашингтон.

Обраќајќи се на собирот организиран од германскиот Маршалов фонд, експертската група на земјите членки на НАТО и советникот на генералниот секретар на Алијансата, Такам Илдем ја истакна важноста од размената на технологијата наземјите членки на Алијансата.
„Неопходен е вистински дијалог за да се реши проблемот со С-400, бидејќи не можам да замислам ситуација во која еден сојузник ќе наметнува санкции на друг, особено кога зборуваме за системска стратешка конкуренција. И јас сум убеден дека Русија и Кина би биле задоволни доколку еден сојузник воведе санкции на друг“, истакнува овој поранешен турски дипломат.

Купувањето на руските одбранбени системи С-400 од страна на Турција предизвика големи тензии меѓу двата сојузници на НАТО.

Анкара наведува дека го купила рускиот систем дури откако не успеала да го купи американскиот систем Патриот.

Вашингтон, пак, посочува дека Турција имала повеќе можности да го купи американскиот систем, но сепак се одлучила за рускиот.

„Недостаток на американски ентузијазам“
Во декември минатата година, Соединетите Држави воведоа санкции за турските службеници, врз основа на Законот за казнување на американските противници преку санкции.

Турските власти одржаа серија состаноци со администрацијата на Џо Бајден претходно оваа година за да го решат проблемот, но ниту една страна не можеше да постигне решение што ќе ги отстрани санкциите.

Турција сè уште целосно го нема активирано веќе купениот систем С-400, бидејќи сака да спречи понатамошна ескалација на ситуацијата со САД.

Илдем, кој претходно беше амбасадор на Турција во НАТО и поранешен помошник генерален секретар на Алијансата, верува дека има простор за подобрување на односите меѓу САД и Турција, но му се чини дека тоа не е приоритет за Вашингтон.

„Гледаме недостаток на ентузијазам за односите со Турција“, рече тој.

Слични содржини