НАТО: Почна повлекувањето на силите од Авганистан

од Vladimir Zorba

НАТО објави дека повлекувањето на силите од Авганистан започнало и додаде дека се преземени сите мерки за да се обезбеди нивна безбедност.

„Повлекувањето започна. Тоа ќе биде уреден, координиран и внимателен процес. Безбедноста на нашите војници ќе биде врвен приоритет на секој чекор и ние ги преземаме сите потребни чекори за да го обезбедиме нашиот персонал“, рече неименуван претставник на НАТО, кој не прецизираше за бројот на војници

Според него, НАТО „енергично ќе одговори“ на секој напад на талибанците за време на повлекувањето.

Кон средината на април, НАТО одлучи да започне со повлекување на своите сили на 1 мај.

Претседателот на САД, Џозеф Бајден, претходно оцени дека мисијата во Авганистан е исполнета и дека повлекувањето на американските војници треба да заврши на 11 септември, на 20-годишнината од терористичките напади врз Соединетите држави.

Земјите кои се најмногу вклучени во мисијата во Авганистан се САД (2.500 војници), Германија (1.300), Италија (895), Велика Британија (750) и Турција (600).

Тие земји распоредија 6.000 од 9.592 војници, ангажирани од 36 земји членки и партнери на НАТО.

Мисијата „Resolute support“ имаше за задача да ги обучи авганистанските безбедносни сили да обезбедат сопствена безбедност по заминувањето на странските трупи.

Талибанците продолжуваат да претставуваат закана бидејќи ги засилија нападите врз полицијата и војската во последните неколку недели.

Многу аналитичари сметаат дека повлекувањето на силите на НАТО може да предизвика нова граѓанска војна во Авганистан или да овозможи враќање на власт на талибанците, кои беа протерани кон крајот на 2001 година.

Слични содржини