НАТО преместува извидувачки авиони во Романија

од Stefanija Kuzmanovska

НАТО ќе премести неколку свои извидувачки авиони кои моментално се стационирани во Германија во Романија, па тие ќе бидат поблиску до Украина, пишува dpa.

Извидувачките авиони на системот за предупредување и контрола на воздухот (AWACS) треба да пристигнат во Букурешт во вторник „за да го поддржат зголеменото присуство на алијансата во регионот и да ја следат руската воена активност“, соопшти НАТО.

Авионите AWACS, вообичаено сместени во близина на Ахен во западна Германија, ќе биде сместени во базата на романските воздухопловни сили во Отопени во близина на Букурешт, на околу 200 километри од источната граница на ЕУ и НАТО со Украина.

Таму ќе останат неколку недели.

„Додека илегалната војна на Русија во Украина продолжува да ги загрозува мирот и безбедноста во Европа, не смее да има никакво сомневање во решеноста на НАТО да ја заштити и брани секоја педа од сојузничката територија“, изјави портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.

„Нашите AWACS можат да детектираат авиони на стотици километри, што ги прави клучни за одвраќањето и одбранбеното држење на НАТО. Ѝ благодарам на Романија што беше домаќин на авионите бидејќи со тоа даваат важен придонес за нашето рано предупредување“, додаде таа.

Во воената база Отопени ќе бидат распоредени и околу 180 војници.

НАТО не прецизираше колку од неговите 14 AWACS авиони кои моментално се стационирани во Германија ќе бидат испратени во Романија, но според воени извори, три авиони ќе бидат распоредени во таа источноевропска земја, дознава dpa.

AWACS може да лоцира и идентификува други авиони на оддалеченост од повеќе од 400 километри.

Тие авиони можат да пренесуваат информации до сите други во воздушниот простор кои се соодветно опремени.

Во минатото тие беа распоредени за време на операциите против терористичките групи како Исламската држава и во Авганистан.

Слични содржини