Научничка од Оксфорд: На многу луѓе нема да им треба дополнителна доза вакцина против Ковид-19

од Nikola Popovski

Дополнителното вакцинирање против Ковид-19 можеби не е неопходна за многу луѓе, изјави денеска водечката научничка кој работеше на развојот на вакцината АстраЗенека.

Професорката од Универзитетот Оксфорд, Сара Гилберт, за британски „Телеграф“ изјави дека имунитетот од вакцината е добар во моментов дури и против делта сојот. Иако на постарите лица и на луѓето со нарушен имунитет можеби им е потребна ревакцинација, стандардниот режим со две дози обезбедува трајна заштита за повеќето луѓе, рекла таа.

„Ќе ја разгледаме секоја ситуација, луѓето со загрозен имунитет и постарите лица ќе добијат дополнителни вакцини. Но, мислам дека не е потребно секој да ги добие. Имунитетот трае долго време за повеќето луѓе“, вели таа.

Заедничкиот комитет за вакцинација и имунизација, панел експерти што ја советуваат британската влада, во наредните денови треба да даде препораки за програмата за вакцинација и обемот на таа програма.

Британското регулаторно тело за лекови вчера објави дека вакцините Фајзер и Астразенека се безбедни за употреба за дополнителна вакцинација.

Британскиот министер за здравство Саџид Џавид рече дека очекува програмата за давање таканаречени засилувачки дози да започне подоцна овој месец.

Гилберт вели дека приоритет за светот треба да биде да се достават повеќе вакцини во земјите што примиле ограничени количини.

„Треба да доставиме вакцини во земји каде што мал дел од населението е вакцинирано досега. Треба да работиме подобро на тој план. Првата доза има најголемо влијание“, рече таа.

Слични содржини