Научници: Коронавирусот може да преживее на кожата до 9 часа, многу подолго од грипот

од Vladimir Zorba

Коронавирусот е активен на човечка кожа 9 часа, пет пати подолгo од вирусот на грип, утврдија јапонските научници, а нивното откритие повторно укажува на потреба од миење често на рацете со цел што е можно поефикасна борба против пандемијата на Ковид-19.

За споредба, патогенот што предизвикува грип на кожата преживува помалку од два часа, покажува студија објавена во октомври во списанието „Clinical Infectious Diseases“.

„Деветчасовното преживување на SARS-CoV-2 на човечка кожа, вид на вирус што предизвикува Ковид-19, може да го зголеми ризикот од негово пренесување преку контакт во споредба со вирусот на инфлуенца А, со што ќе се забрза ширењето на пандемијата“, предупредуваат јапонските научници.

Во нивната студија, тие тестирале примероци на кожа земени за време на обдукцијата, приближно еден ден по смртта на пациентот.

И коронавирусот и вирусот на грип се деактивираат во рок од 15 секунди со употреба на етанол кој се наоѓа во средства за дезинфекција на рацете.

„Подолгото преживување на SARS-CoV-2 на кожата го зголемува ризикот од пренесување контакт, но редовната хигиена на рацете може да го намали тој ризик“, се вели во студијата.

Студијата ги охрабрува препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за редовно и темелно миење на рацете за да се ограничи преносот на вирусот.

Според податоците на АФП, од избувнувањето на пандемијата во Кина на крајот на минатата година до денес, во светот се регистрирани најмалку 1.105.691 смртни случаи како резултат на Ковид-19 и скоро 39,4 милиони случаи на заразени.

loading...

Слични содржини