Научници: Примероците од Марс може да предизвикаат страшна пандемија на Земјата

од Vladimir Zorba

Донесувањето примероци од Марс на Земјата претставува огромен ризик и може да предизвика пандемија од „марсовска чума“, предупредуваат група научници собрани во Меѓународниот комитет против носење примероци од Марс (ICAMSR), цитирани од Спутник.

Роверот „Perseverance“ на НАСА, кој слета на Марс минатото лето, со поддршка на хеликоптерот „Ingenuity“, работи „вредно“ и, меѓу другото, собира примероци од почва што детално ќе ги проучат научниците на Земјата.

НАСА, заедно со Европската вселенска агенција (ЕСА), подготвува уред кој ќе слета на Марс во 2026 година, со цел да ги земе тие примероци и да ги врати на Земјата. Тоа ќе биде првпат дел од Марс да се најде на Земјата, но некои научници стравуваат дека тоа може да донесе непознати микроорганизми на нашата планета.

Д-р Гилберт Левин, поранешен инженер на НАСА, за „Дејли Стар“ изјави дека постои „реална можност“ Црвената планета да е населена со животни форми кои би можеле, доколку стигнат до Земјата, да предизвикаат страшна пандемија против која не постои одбрана.

„Се плашам, дури и ако е можно да се направи безбеден контејнер за доведување на примероци од Марс на Земјата, дека постои можност за нивно „протекување“ од безбедни лаборатории“, рече Левин.

Слична претпазливост изразија и научниците од ICAMSR, цитирајќи го познатиот астрофизичар и астроном Карл Саган, кој предупреди на таквата опасност во својата книга во 1973 година.

„Бидејќи Марс е средина со голем биолошки интерес, можно е да има патогени микроорганизми на него, организми кои би можеле, доколку се донесат на Земјата, да предизвикаат огромна биолошка штета, Марсовска чума“, напиша Карл Саган.

Директорот на ICAMSR, Бери Дигрегорио, предлага примероци од Марс прво да бидат однесени на Месечината, каде микроорганизмите може да се идентификуваат и да се стават во изолација, на таканаречената вселенска станица „Lunar Gateway“. Таму може да се проучат примероци на почва од Марс и научниците можат да бидат убедени дека нема опасност од „Марсовска чума“ на Земјата.

„Тоа е единствениот начин 100% да се гарантира заштита на биосферата на Земјата“, рече Дигрегорио.

И ЕСА се согласува дека нема потреба веднаш да се носат примероци од Марс директно во лабораториите на Земјата.

„Оставањето примероци во орбитата на Марс е една од неколкуте алтернативни стратегии што се можни откако примероците ќе бидат лансирани од почвата на Марс“, соопшти неодамна ЕСА.

Сепак, само лабораториите на Земјата имаат доволно напредна опрема за да ги спроведат сите потребни тестови што би можеле да укажат на геологијата и историјата на Марс, што е целта на мисијата на Црвената планета.

„Очекуваме примероци од Марс со цел да добиеме ново знаење во следните децении, затоа што ќе ги проучуваме во лаборатории и со уреди што не можеме да ги носиме на таа планета сега“, изјави Лори Глејз, директор на одделот за планетарно истражување во НАСА.

Слични содржини