Научници со револуционерно откритие: Како имунолошкиот систем се бори со коронавирусот?

од Nikola Popovski

Ова откритие е дело на научниците на Институтот Питер Доерти, кој е првиот на светот што го создаде вирусот „Ковид-19“ надвор од Кина.

Нивното откритие беше објавено вчера во научното списание „Nature Medicine“ и се вели дека луѓето се опоравуваат од новиот вирус на сличен начин како и грипот. Овој наод треба да биде од голема помош во развивањето на најефикасната вакцина, велат научниците.

Речиси 200.000 случаи се потврдени ширум светот, а скоро осум илјади луѓе починале.

„Овој наод е важен затоа што за прв пат разбираме како нашиот имунолошки систем се бори со коронавирусот“, вели коавторката на студијата, Кетрин Кеџиерска. Научниците го фалат откритието, нарекувајќи го револуционарно, пренесува Би-Би-Си.

Што е откриено?

Многу луѓе веќе се опоравиле од коронавирусот, што значи дека веќе е познато дека нашиот имунолошки систем може да се бори против него. Но, за прв пат досега, научниците открија четири вида клетки во нашиот имунолошки систем кои се борат со новиот вирус.

Тие биле забележани при следење на пациент кој имал умерена форма на болеста и немал други здравствени проблеми, пренесува Би-Би-Си.

47-годишната од Вухан, која била под мониторинг на научниците, се опоравила за 14 дена. Три дена пред целосно да се опорави, во нејзината крв биле забележани специјални клетки. Кај пациентите со грип, овие клетки исто така се појавуваат пред закрепнувањето, вели професорката Кеџиерска.

„Ние сме многу возбудени за овие резултати и фактот што успеавме да го препознаеме изгледот на овие клетки кај заразен пациент пред неговата состојба да започне да се подобрува клинички“, рече таа.

„Идентификувањето на моментот кога клетките на имунолошкиот систем ќе започнат да работат, може да помогне да се предвиди текот на дејството на вирусот“, велат научниците кои се уверени дека ова откритие ќе помогне да се најде лекот.

Слични содржини