Наумовски: Протестите се парадоксални, идентитетот ни го бранат со вергини, наместо со државни знамиња

од Vladimir Zorba

Денешните протести се парадоксални. Идентитетот ни го бранат со вергини, наместо со државни знамиња, како ексклузивен симбол на Македонците, односно на македонската радикална десница. Сатирични се членовите на бугарскиот клуб во Битола со пејачот кој се обиде да им го запали, заедно против договорот и против ЕУ, вели за „Локално“ граѓанскиот активист Никола Наумоски, дел од „Шарената револуција“, со кој поразговаравме по повод протестите против наводната „бугаризација“ на државава, откако почнаа широките консултации за францускиот предлог за кревање на ветото за почеток на преговорите со ЕУ.

Во однос на странските влијанија, Наумовски вели дека може да се види јасна руска интервенција и во мотивите и во реториката.

-Руските пријатели кај нас, Бугарија и Унгарија сторија се‘ во нивна моќ да ја вжештат атмосферата и да не дозволат цивилизирани регионални односи меѓу земјите, смета тој.

На прашањето дали се манипулираат луѓето за да се задоволат политичките апетити, активистот одговара потврдно.

– Првенствено апетитите на двајцата водачи на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Каква дрскост од Мицкоски себе си да се прогласи за мета на заканите со пиштол, кога е дел од неколкуилјадна толпа, како само тој да е важен на протестот, а сите други да се тука за него. Каква расипаност од Апасиев да најавува радикализација и да ги потпалува страстите секој ден, за кога негови 18 годишни следбеници ќе фрлат молотов коктел врз полицијата, тој да ги нарекува „агенти на ЦИА“, истакнува Наумоски.

Бевте дел од „Шарената револуција“ која беше една од причините за промената на тогашната власт. Во изминатава недела сме сведоци на нови протести, кои се со цел, меѓу другото, повторна промена на власта. Една споредба на протестите од 2016-та и протестите кои ги организира опозицијата?

-Шарените протести беа помасовни, инкорпорираа повеќе групи, партиите не беа водачи… Шарената револуција беше инклузивна, вклучуваше Албанци, Роми, Турци и секакви други националности, беше толерантна кон различните религии, кон различните животни стилови и не ги оддалечуваше луѓето едни од други. Наспроти нас стоеја контра-протестанти, луѓе платени од власта за да го бараат спротивното од нас. Разни медиумски мегафони, професори со налудничави теории, организираа трибини низ Македонија за да ги освестат партиските членови да не се појавуват на нашите протести. Понекогаш организираа и контра-собири ризикувајќи физички контакт меѓу две толпи, а понекогаш и организираа домаќинки да ги чистат фрлените бои врз лажниот мермер од „Скопје 2014“.

Денешните протести се парадоксални. Идентитетот ни го бранат со вергини, наместо со државни знамиња, како ексклузивен симбол на Македонците, односно на македонската радикална десница. Сатирични се членовите на бугарскиот клуб во Битола со пејачот кој се обиде да им го запали, заедно против договорот и против ЕУ. Антифашистичката песна „А бре, Македонче“ ја пеат со преработен стих “нека разберат клетите шиптари“ наместо „клетите фашисти“ додека ја обвинуваат владата и ЕУ за фашизам. Скандираат против „шиптарска полиција“ и против тоа што двајцата министри – преговарачи во македонски дрес немаат македонски презимиња, додека зборуваат за денацификација на Македонија, не сфаќајќи дека тоа ги оддалечува луѓето, а е и причина за растурање на коалицијата со албанските опозициски партии.

Колку беа оправдани тогаш, а колку денес протестите?

-Неспоредливо. Тогашните протести беа кулминација на долгогодишна борба за демократија, слобода и правда. Шарената се појави на 9-тата година од режимот на Груевски, откако претходно се случија многу важни скандали без никаков епилог – тепањето за црквата на плоштадот, убиството на Мартин Нешковски, затворањето на А1, апсењето на политички противници, тепањето на опозициските пратеници во собранието, обидот за крадење на изборите во Општина Центар и апсењето на Шиповиќ… Опозицијата со години го беше напуштила собранието, немавме никаков пристап до националните медиуми, единствената општина под контрола на опозицијата беше под постојана окупација од централната власт и сето тоа беше контекстот пред Заев да почне да ги објавува телефонските разговори на власта.

Откако се објавија разговорите во кои слушнавме за стотици кривични дела, неморално и штетничко однесување на власта, па дури и „национални предавства“ и откако со триста кочници на патот беше формирано СЈО, потребен беше Ѓорѓе Иванов да долее масло на огнот и да ги помилува 50-ина највисоки функционери со што го направи СЈО бесмислено, како и двегодишните протести и преговори. Помилувањата на Иванов беа поводот за шарената и благодарејќи на протестите, Иванов си ја поништи сам својата незаконска одлука. Да не вродеше со плод тој притисок, денес Миле Јанакиески немаше да брои 100-ина години затвор за својот дел во криминалот, Никола Груевски да е пребеган и осуден на 20 години, Јанкуловска, Мијалков, Камчев, Божиновски, Чавков и десетици други се осудени со затвор, а имотот на најбогатата партија во Европа да биде конфискуван заради криминално стекнување. Шарената и те како вроди со плод, не веднаш, но ако некој тогаш ни предвидеше вакви резултати, заедно со промена на власта, ќе бевме презадоволни. Не би сакал да ја омаловажувам причината за денешните протести, сепак националното чувство е субјективна работа и не можеш да судиш дали некој се чувствува загрозен, навреден и сл.

Но, луѓето кои ги предводат овие протести многу добро знаат што прават и не им е прв пат. За вакви национални предавства ВМРО-ДПМНЕ обвинува секогаш кога е во опозиција. Промената на знамето, привремената референца, тиранска платформа, законот за јазици, законот за знамиња, територијалната реорганизација, факултетско образование на албански јазик, бегалскиот бран пред некоја година… тоа се само неколку теми за кои се сеќаваме дека истите луѓе ги трубеа истите обвинувања и предвидувања за крајот на македонската држава, а евидентно не беа во право. Демонстрантите денес протестираат против документ кој (веројатно) не го прочитале, нивните претставници во собранието не го ни дискутирале, а телевизиите им даваат секојдневен пристап до нивните гледачи и преноси во живо на нивното демолирање на објектите. За да биде оправдано излегувањето на улица, тоа треба да биде крајна инстанца, а не почетна. Така беше за време на шарената, но сега така не е.

Оправданоста е субјективна работа, деновиве слушам дека некои луѓе на „Шарена револуција“ се појавувале со скроз различни мотиви од оние што ги имав јас, или оние што ги имаа наведено организаторите. Деновиве дознавам, особено од разочараните од „Шарена револуција“, дека некои од нив марширале со нас заради заштита на националниот идентитет, против бугаризацијата, против албанизацијата и сл. Чудно, тогаш не ги артикулираа јавно тие субјективни мотиви, а сега да, па уште и се разочарани зашто никој не им ги уважил.

Има ли странски влијанија во предизвикувањето на протестите – и во 2016-та и сега?

-Не би сакал да навлагам во конспирологија и да викам дека конците некој ги влече од страна, од високо, но и во тој поглед работите се многу различни. Тогашниот севкупен невладин сектор застана зад шарената револуција, не зашто беше финансиран во изминатите 25 години од западните фондации, туку затоа што ги застапуваше нејзините вредности – одговорност, отчетност, правда… Тоа беа организации кои со години работеа на таа агенда и се одважија во клучен момент да дадат поддршка на протести против власта која беше антипод на сето тоа.

На денешните протести, а и во изминатиот период, може да се види јасна руска интервенција и во мотивите и во реториката. Руските пријатели кај нас, Бугарија и Унгарија сторија се‘ во нивна моќ да ја вжештат атмосферата и да не дозволат цивилизирани регионални односи меѓу земјите. Некогашните пријатели на нашето вмро, бугарските патриоти од ВМРО-БНД се едни од најголемите кочничари преку границата на нашите напори за договор со Бугарија. Застапуваат ултранационалистички ставови, додека нивните другари овде во Македонија ги осудуваат и глумат шокираност. Згора на тоа, министерот за надворешни на Орбан, човекот кој го крие Груевски од правдата веќе неколку години, дава иритантни изјави во корист на Бугарија за да го засили чувството на неправда кај Македонците и дополнително да го поткопа процесот на интеграција во ЕУ.

На пријателите на Путин во регионот не им одговара проширување на ЕУ и тие се оркестрирани да предизвикуват револт кон унијата, да блокираат интеграции, да го иритираат јавното мислење преку своите граници…

Дали, според вас, се манипулираат луѓето за да се задоволат политичките апетити?

-Да, првенствено апетитите на двајцата водачи на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Каква дрскост од Мицкоски себе си да се прогласи за мета на заканите со пиштол, кога е дел од неколкуилјадна толпа, како само тој да е важен на протестот, а сите други да се тука за него. Каква расипаност од Апасиев да најавува радикализација и да ги потпалува страстите секој ден, за кога негови 18 годишни следбеници ќе фрлат молотов коктел врз полицијата, тој да ги нарекува „агенти на ЦИА“.

Можно ли е протестите да ескаликраат?

-Очекувам полека полека да се смируваат, а не ескалираат. Го искористија целиот свој потенцијал со лажното информирање за „предавството“, ги изгубија сите можни сојузници, ги загубија симпатиите на медиумите и независната непартиска јавност со реториката што ја користат, а и симболите што ги веат и песните што ги пеат можат само да ги оддалечуваат луѓето од враќање на улица.

Б.М.

Слични содржини