Навални се опоравува и вели: ЌЕ СЕ ВРАТАМ ВО РУСИЈА

од Vladimir Zorba

Алексеј Навални полека се опоравува во германската болница. Според „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на извори од Германија, Навални му открил на германскиот обвинител дека планира да се врати во Русија.

– Тој нема намера да биде во егзил во Германија. Тој сака да се врати дома во Русија и да ја продолжи својата мисија – изјави неименуван германски функционер.
Навални се наоѓа на лекување во болницата „Шарита“ во Берлин, каде долго време беше во кома, од која се разбуди минатата недела. Германскиот официјален претставник потврди дека рускиот опозициски лидер има „остар ум“.

– Целосно е свесен за неговата состојба, што му се случило и знае каде се наоѓа – рече тој.

Болницата „Шарита“ објави на Твитер дека здравствената состојба на Навални се подобрува и дека во моментот може да стане од кревет некое време.

Германската влада објави дека лабораториите во Франција и Шведска, исто така, ги потврдиле германските тестови кои утврдиле дека Навални е отруен од „новичок“.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас рече дека сега кога резултатите од тестот се потврдени, тој не очекува никакви критики кон неговата земја, алудирајќи на одговорот на Кремљ.

Русија тврди дека Германија не и ги доставила сите детали за случајот.

Слични содржини