Не е добро ниту за болните, ниту за здравите – за сè е виновно времето: Д-р Чолакова Дервишова со објаснување и совети како да се подобриме

од Nikola Popovski

Замор, малаксаност, главоболка, вознемиреност, вртоглавица… Ова се најчестите проблеми кои се јавуваат поради наглите промени на времето, додека хронично болните деновиве трпат уште поголеми проблеми. За жал, не може многу да се направи во врска со тоа. Метеоролошкиот пресврт, кој прекина низ од речиси летни, сончеви денови со облаци и дожд, влијаеше дури и врз сосема здрави луѓе со промена на расположението, но и со здравствени проблеми како слабост, главоболки, вртоглавици… Сето ова е уште повеќе интензивни кај почувствителните луѓе и сите хронично болни.

Со оглед на облачното и топло време, јуни се повеќе личи на септември, а дали е времето виновно за сè, како што сакаме народски да кажеме и што да направиме за да си олесниме, за „Локално“ објаснува докторката и претседателка на Здружението на приватни лекари, Лидија Чолакова-Дервишова. Според неа, подолг временски период е променливо време, долго време беше врнежливо и депресивно и тоа им се одрази на психата на поголем дел од пациентите.

-Ако некој се чувствува малаксано и без енергија, се предложува да направи крвна слика, да се види дали е крвта слаба, да не недостига серумско железо или нешто друго од оние битни компоненти за организмот. Дефинитивно има огромна популација на која им влијае ваквото време, со главоболки, поспани и без сила. Тоа се метеопати и на секоја промена така реагираат, објаснува Чолакова Дервишова.

д-р Лидија Чолакова Дервишова

Потсетува дека пред многу години имаше едно вакво лето кога цело беше дождливо, а навечер не беше топло, туку мораше да се носи џемпер или некоја топла облека.

Освен тој основен факт што не треба да се игнорира, што можеме да направиме за да си олесниме оваа „вистинска есен“ пред лето?

-Препорачувам пиење на природни сокови, одење во природа, физичка активност, пешачење, дружење со позитивни луѓе, социјалниот живот да се подобри за да се победи депресијата и секојдневието со милион негативни информации од вести. Човекот е едно социјално битие, на кое што му е потребно малку радост, малку нови информации, па ако времето е еднолично, барем денеска дружете со еден човек, а утре со друг. Да се направи една генералка, да се прават работи кои не сте ги правеле, за да се покренат оние хормони кои што би предизвикале среќа, радост, допамин и серотонин, ни рече докторката.

Чолакова Дервишова се осврна и на хронично болните.

-Тие мора редовно да примаат терапија. Исто така редовно да си прават контроли кај матичниот лекар, тензијата да се контролира, како и висината на шеќерот во крвта. Повеќе движење и пешачење и да се внимава на килограмите. Никогаш кога е топло или после дожд, кога има големо испарување. Движењето е едно од основните алатки за да се подобри циркулацијата, да се симне нивото на шеќер и сите мускули да се активираат, за да може подобро да функционира организмот, заклучува докторката.

Н.П.

Слични содржини