Не е прифатливо една земја да ѝ диктира било што на друга земја, велат од ЕК за изјавите на Радев

од Nikola Popovski

Никогаш не е прифатливо една земја да и диктира било што на друга земја, изјавиле денеска од Европската комисија како одговор на прашање од МИА, како реагираат на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев вчера од Словенија кој кажа дека очекува 120 илјади граѓани да бидат попишани како Бугари во Северна Македонија.

Според портпаролката на ЕК, Дана Спинант, земјите членки под ниеден услов не смеат да се мешаат во домашните работи на други земји.

Сакаме да се реши ова билатерално прашање поради кое Бугарија не прифаќа одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, вели портпаролката за МИА.

Бугарскиот претседател вчера изјави дека самитот во Словенија се одржува во позадина на бројните сигнали за прогон и закани на лица со бугарски идентитет во процесот на попис во Македонија.

-Тие се случуваат и во позадина на замената на бугарскиот споменик пред неколку дена, што покажува дека не само што се прогонуваат живите, туку се уништува и споменот на загинатите Бугари. Повеќе од 120.000 граѓани на Република Северна Македонија се исто така државјани на Република Бугарија, врз основа на нивната експлицитна изјава за намера и презентирани објективни документи за потекло, уште десетици илјади ги чекаат нивните бугарски пасоши и нашата земја очекува оваа реалност да се земе во предвид, посочил Радев.

Тој очекува да се искорени говорот на омраза, заблудата и толкувањето за Бугарија во учебниците, на спомениците, музеите и во јавната политика.

-Сакаме јасни правно обврзувачки документи. Македонските Бугари да се рефлектираат во пописот. Сакаме како што се призна историската вистина во односите со Грција, на ист начин да се признае и историската вистина во односите со Бугарија. Раскинување со македонизмот и омразата кон Бугарија и донесување јасни одлуки, нагласил Радев и додал дека учебниците не треба да водат кон омраза на рана возраст.

Слични содржини