Не е само шоу на Шешељ

од desk4

Војислав Шешељ го изгази хрватското знаме во Собранието на Србија, а на хрватската делегација ѝ опцу „усташка мајка“. По само шест часа во Белград, хрватската делегација ја прекина „историската посета“.

Belgrad - Vojislav Seselj verbrennt kraotische Flagge (Getty Images/AP/A. Stankovic)Шешељ го пали хрватското знаме, април 2015. година

Хрватската јавност, како и политичарите, всушност не го доживуваат осудениот јавен злосторник Војислав Шешељ како сериозна фигура. Речиси постои консензус дека тој е насилен егзебиционист, политички трол кој својата егзистенција ја осмислува со скандали и неинтелигентен национализам. Притоа најголема штета ѝ нанесува на својата држава.

Хрватските медиуми маргинално ги следат „перформансите“ на Шешељ, но овојпат, со оглед на местото и времето на настанот, како и на главниот актер, кој во себе, по хашката пресуда, ги обединува воените злосторства извршени над Хрватите и законодавната власт, сѐ се претвори во политичко ријалити-шоу кое во втор план потисна сѐ друго што хрватските уредници во медиумите планираа како ударни вести.

Насилник со парламентарен легитимитет

Зошто парламентарното мнозинство во Србија не го исфрли Шешељ од Собранието кога неговата пресуда од Хаг тоа го дозволува, тоа е главно прашање кое го поставија хрватските политичари до Белград. „Очекувам од Србија да го осуди настанот и по воспоставувањето дијалог да видиме како натаму“, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, чие Министерство за надворешни работи безуспешно се обидело да ѝ врачи протестна нота на амбасадорката на Србија во Загреб.

„Нему и на таквите како него најголема казна им е постоењето независна хрватска држава и целосен слом на проектот ‘Голема Србија’“, прокоментира хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, и самата жртва на суровиот сексизам на Шешељ. „Изразувам надеж дека овој настан нема да го расипе напредокот во односите на нашите држави, постигнат во последите месеци“, порачаа од кабинетот на претседателката, пред на сцената да излезе оној чија реакција се чекаше цело вчерашно попладне-српскиот претседател Александар Вучиќ.

Serbischer Präsident Aleksandar Vucic in Kroatien Proteste in Zagreb (picture alliance/AA/Stringer)Протести во Загреб во текот на посетата на Вучиќ во февруари 2018. година

Вучиќ не може да побегне од минатото

Во која насока ќе оди неговиот коментар најави амбасадорката Мира Николиќ со зборовите – Вучиќ при посетата на Хрватска во февруари доживеа и поголеми непријатности, но не го напушти Загреб. Вучиќ, кого во Хрватска го доживуваат како вешт манипулатор во поза на жртва, тој наратив го надогради со приказаната за наводно запалено српско знаме и пратеник кој трчал по него низ загрепските улици. Не го спомена прашањето на пратеникот во хрватскиот Сабор, Миро Буљ (Мост) – кога планира да дојде во хрватска Глина, алудирајќи на тој начин на подбуцнувачкиот говор на Вучиќ во 1995. година кој го одржа во тогаш окупираниот град како соработник на Шешељ. Шешељ е дел од минатото од кое Вучиќ безуспешно се обидува да бега, заклучија хрватските политичари, кои во тоа наоѓаат причина што во генералната осуда на палењето хрватско знаме не е споменато името на Шешељ.

 Треба ли да се храни тролот?

„Во Србија се случи меѓународен инцидент за кој, според меѓународното право, одговара Србија“, изјави бившиот министер за правосудство Орсат Миљениќ (СДП), кој смета дека српското правосудство би требало да го процесуира Шешељ. Иако верува дека одлуката на хрватската делегација да ја напушти Србија е исправна, Миљениќ јасно го поставува прашањето: зарем така не се прави токму она што сака Шешељ и зарем тоа не го одржува во јавен живот? „Тоа е човек кој живее од ова и за ова“, смета тој.

На претставникот на српското малцинство во хрватскиот парламент, Милорад Пуповац (СДСС), кој е трн во окото на хрватската десница, испадот на Шешељ нема да му ја олесни позицијата во момент кога јастребите во Хрватска се обидуваат да ги укинат загарантираните места на малцинските пратеници во Саборот. „Зар немаше доволно газење на човековото достоинство и национални емоции во односите меѓу Хрватите и Србите? Зар не гледаме дека е безумно заемно да се газиме додека над глава ни е чизмата која и едните и другите може да нѐ згази? Зар не е време за исправните Хрвати и Срби и нивните исправни знамиња во заедницата на рамноправни и просперитетни европски народи?“ Овие прашања Пуповац ги постави по враќањето од Белград, со повик „да не бидеме заложници на луѓе кои газат национални симболи“.

Kroatien 2011 - Außenminister Gordan Jandrokovic (Getty Images/AFP/G. Gobet)Гордан Јандроковиќ: Ова е проблем на Србија

Како натаму?

Се чини дека овој инцидент сепак нема да ги уназади односите меѓу Белград и Загреб во мерка во која тоа го стори јануарската изложба за Јасеновац која во Њујорк ја постави мисијата на Србија при ОН. Станува збор за очекуван истап, ако се земе предвид кој го креирал – и го проблематизира мрачниот дел од подалечното минато кој во Хрватска во овој момент е многу поболна точка.

Добра вест е што, во сенка на инцидентот, сепак е отворено претставништво на Хрватската стопанска комора во Белград. „Наместо да зборуваме за работи кои значат живот и иднина за нас, нашите семејства и нашите земји, од Белград стигна грда слика, на најпримитивен можен начин. Се срамам поради тоа“, изјави по тој повод претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж. Тоа во Хрватска е прифатено како најискрено извинување од Србија.

„Ова е проблем на Србија и тие таму тој проблем мораат да го решат“, заклучи претседателот на Саборот, Јандроковиќ, со најава дека Хрватска останува цврсто зад Хрватите кои живеат во Србија, како и дека и натаму ќе настојува за јакнење на нивната позиција. Дали хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ, како што е планирано, оваа година ќе отиде во официјална посета во Белград, ќе видиме. Но, не би требало да се заборави дека и порано, кога беа во прашање средбите со Александар Вучиќ, не се обѕираше на сигналите кои ѝ ги испраќаа од владата на Хрватска.

DW.COM

Слични содржини