Не може ако изгубите едни избори, да ги повторувате сите, порача Петковски

од Vladimir Zorba

Лидерот на НСДП, Тито Петковски попладнево, пред средбата на коалициските партнери со премиерот во оставка Зоран Заев, изјави дека не треба да има предвремени парламентарни избори, туку дека актуелната Влада треба да продолжи со работа.

Како што рече Петковски, мора да се разграничи што се локални, а што парламентарни избори, ако сакаме да имаме демократска држава.

– Не може ако изгубите едни избори, да ги повторувате сите, порача Петковски.

На средбата, информира тој, се очекува да бидат договорени следните чекори, зашто „според Уставот е јасно како треба да се одвива работата по оставката што ја поднесе премиерот“.

– Прво, имавме парламентарни избори минатата година. Легитимитет за составување влада се добива на парламентарни избори. Победничката партија ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори освои 30 отсто од гласачите што излегоа на изборите, а СДСМ освои 25 проценти. Од другата страна, гледате, коалицискиот партнер ДУИ на локалните ги повтори изборните резултати, исто како што ги имаше и на парламентарните избори. Ние мора да се навикнеме што се локални, а што се парламентарни избори ако сакаме да имаме демократска држава. Не може ако изгубите едни избори да ги повторувате сите, изјави Петковски пред средбата во Владата.

НСДП, дополни тој, останува дел од парламентарното мнозинство.

Слични содржини