„Не отворам врата“: Левица повикува на бојкот на пописот

од Nikola Popovski

Партијата Левица денес ги повика сите граѓани на Република Македонија, согласно ситуацијата со корона пандемијата, правната недореченост на законот за попис и политичкиот договор за фингираните резултати, да го делигитимираме процесот за попис – под слоганот „Не отворам врата“.

„Ние бараме, пописот да се одложи на 12 месеци, т.е. да се одложи за во април 2022 година. Понатаму, да се донесе комплетно нов Закон, затоа што овој Закон има премногу недостатоци, а новиот Закон, којшто ќе се донесе да биде со широк консензус од парламентарните партии во Собранието“, соопшти денес пратеникот на Левица Борислав Крмов.

Според него, аргументите за тоа зошто Левица ќе ја води оваа кампања се дека овој Закон беше истуркан насила во Собранието, прво беше пуштен во редовна, а потоа тајно беше пуштен во скратена постапка, без знаење на опозицијата.

„Понатаму, сите амандмани на опозицијата беа одбиени. Овој Закон исто така, крши многу од принципите препорачани од ООН и ЕУРОСТАТ. Покрај тоа што крши голем дел од законите, како најголем аргумент зошто не Попис е ситуацијата со Пандемијата. Во ситуација кога имаме една од најголемите смртности во регионот, имаме огромен број на заболени, по 300-400 дневно заболени, кога се најавени и рестрикции, да се турка ваков процес насила е апсолутно недозволиво, затоа ние ќе направиме се’, да го спречиме овој Попис“, вели тој.

ВМРО-ДПМНЕ минатата седмица поднесе во Собранието предлог-закон за поништување на Законот за попис, ама владејачките партии, како и опозициската Алијанса/Алтернатива, се изјаснија дека се против ова решение.

Дирeкторот на Државниот завод за статисика Апостол Симовски денеска на трибина посветена на оваа тема ги отфрли обвинувањата дека партиите веќе ги договориле резултатите од Пописот.

Пописот на наеселнието, становите и домаќинствата е закажан за 1 Април 2021 година.

Слични содржини