Не седат со скрстени раце: Зошто Јапонија спроведува лажна вакцинација? (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Јапонија е меѓу првите земји што пријавиле инфекција на нејзина територија по појавата на коронавирусот: Иако вакцинацијата против Ковид-19 веќе започна во многу земји, Јапонците сè уште чекаат на вакцината. Сепак, додека чекаат, тие не седат со скрстени раце. Јапонското Министерство за здравство спроведе вежба за вакцинација против вирусот во еден град.

Учесниците на вежбата, одржана во Кавасаки, префектурата Канагава, прво утврдија протокол за вакцинација и проверија колку луѓе можат да примат вакцина за еден час, како и дали има подрачја каде луѓето стојат премногу блиску еден до друг, што го зголемува ризикот на инфекција.

Министерството ќе ги пренесе информациите и знаењата стекнати за време на обуката на локалните самоуправи низ цела Јапонија за да се обезбеди непречено спроведување на вакцинацијата.

Во овие вежби учествуваа 24 лица, вклучувајќи лекари и медицински сестри.

Уште дваесетина лица се преправаа дека се граѓани кои примаат вакцина за оваа пригода. На почетокот беше проверен нивниот идентитет и пополнија медицински прашалник, а потоа ја потврдија постапката за вакцинација откако лекарите ја проверија нивната здравствена состојба, а потоа им беше кажано да почекаат околу 15 минути за понатамошна здравствена контрола по лажната вакцинација, пренесува Јутарњи лист.

Според „Japan Today“, градоначалникот на Кавасаки, Норихико Фукуда, изјавил дека се надева дека оваа вежба ќе послужи како пример низ цела Јапонија.

Јапонија планира да започне масовна вакцинација на крајот на февруари.

Слични содржини