Не успеа интерпелацијата на опозицијата: Димитров останува вицепремиер за европски прашања

од Nikola Popovski

Со 55 гласа „против“ и 53 гласа „за“, во Собранието беше отфрлена интерпелацијата за вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кое донесе жестока политичка дебата меѓу пратениците на власта и опозицијата.

Ова е трета неуспешна интепрелација за Димитров, во изминатите три и пол години, а во претходните две тој беше на функцијата шеф на дипломатијата.

Дванаесет часа траеше дебатата во Собранието исполнета со меѓусебни обвинувања и квалификации.

Во неколку наврати, одговарајќи на обвинувањата од опозициските пратеници, кои му ја поднесоа интерпелацијата, Димитров кажа дека се чувствува како пожарникар ставен во позиција да му се правда на пироманот. За пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој е претседател на Комисијата за надворешни работи, рече дека станува збор за човек што е демантиран речиси секојдневно од земји-членки на Европската Унија, поради шпекулации по социјалните медиуми.

Димитров апелира до опозицијата да не го саботира во работата, затоа што, како што рече, тоа е на штета на државата.

„Не само што нема поента, туку е и дрскост, јас, кој во основа ги поправам вашите грешки и го надоместувам пропуштеното, да бидам ставен во позиција да се објаснувам пред вас. Разликата меѓу мојот пристап и резултати во последните неколку години и вашите обиди во деценијата пред тоа е повеќе од очигледна. За тоа сведочи не само македонската јавност, туку и целата меѓународна јавност. Затоа, ве повикувам: наместо да правите сопки, помогнете. Вклучете се конструктивно. Не ми ја отежнувајте работата со постојани саботажи. Баталете ме мене, ама тоа не е добро за институцијата со која раководам, не е добро за народот и државата, а на крајот, не е добро ни за вас“, рече Димитров.

Според опозицијата, причина за интерпелацијата е манипулацијата на јавноста за добивање на датумот, низата неуспеси на надворешната политика, брзоплетоста на потпишувањето на договорот со Бугарија кој прави големи проблеми на државата и за недобивањето датум за пристапни преговори со Европската унија. Му забележуваат и за нетранспарентност во неговиот однос кон Собранието, како и дека власта преговара за идентитетот и јазикот.

Во Собранието допрва ќе се расправа за уште две интерпелации откако опозициската ВМРО – ДПМНЕ по извештајот на „Транспаренси Интернешенел“ на која Северна Македонија беше досега најлошо рангирана на 111 место побара разрешување на на вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и за правда Бојан Маричиќ.

Слични содржини