Неизвесно гласањето на петтиот пакет економски мерки во Собранието, законите блокирани со над 3.000 амандмани

За време на вчерашната Комисија за финансирање и буџет, коалицијата Алтернатива и Алијнса на Албанците доставија над 3000 амандмани во врска со новиот пакет економски мерки, со што тие остануваат на „стенд бај“ и за да се донесат во Собранието ќе биде потребно време.

Но, со оглед на тоа што овие закони се предвидени да се донесат по скратена постапка, амандманската расправа би траела само неколку дена, по што ќе биде закажана пленарна седница.

Комисијата за финансирање и буџет беше закажана откако вчера беше постигнат договор помеѓу пратениците кои го изгласаа дневниот ред на 36. седница, а по предлог на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се договорија да ги повлечат сите точки и да расправаат само за трите закони од петтиот пакет антикризни мерки, како и за Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија. И за оваа одлука пратениците од АА и Алтернатива имаат поднесено околу 400 амандамни кои од Комисијата за одбрана се дадени на превод.

Владејачкото мнозинство во Собранието има 62 пратеници, а двајца од нив беа позитивни на Ковид-19. Без опозицијата мнозинството нема кворум за работа и не може да носи закони. Мнозинството го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ на 36. седница да бидат разгледни само тие четири точки, а тие да направат кворум за да можат антикризните мерки да се реализираат што поскоро. Меѓутоа, поради блокадата на Законот за државјанства од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, пратеничката група на Алијансата на Албанците и Алтернатива ги блокира овие закони со околу 3.000 амандмани, како и одлуката за продолжување на кризната состојба со околу 400 амандмани, но и 20 други закони со над 32.000 амандмани.

 

Слични содржини