Неколку девојки силувани од келнер во Брисел

од Milan1

Повеќе девојки во Брисел на социјалните мрежи пишуваат дека биле дрогирани и потоа брутално силувани од келнер во кафулето “Ле Ваф” во студентскиот дел на градот Брисел. Девојки и анонимни вработени во кафулето предупредуваат дека газдата не само што не го санкционирал осомничениот силувач, туку го преместил да работи во друго кафуле.

Дури по бројните сведочења бриселската полиција отвори истрага, но повеќе жртви во меѓувреме се огласија дека претходно поднеле пријави кои биле отфрлени од страна на полицијата.

Темата стигна и до медиумите во последните два дена.

Девојките кои сведочат раскажуваат сите сличен модус операнди од страна на келнерот: “ме најдоа гола и несвесна, не можев да одам веќе, нема сила во телото, се сеќавам само на неколку моменти од вечерта”.

Станува јасно дека едно од најпосетуваните кафулиња, “Ле Ваф”, но и “Ел Кафе”, во студентскиот кварт во Брисел биле повеќепати местото каде што студентки се нашле во иста ситуација. Келнерот ставал дрога во пијачките на своите жртви, по што им нудел да ги придружи до дома. Сите девојки велат дека изгубиле меморија или свест во даден момент откако ја испиле пијачката. Станува најверојатно збор за дрогата “ГХБ”, позната како дрога на силувањето.

Се намножија и сведоштва за расизам во истите кафулиња, на повеќе клиенти со африканско потекло им бил забранет влез.

На социјалните мрежи се повикува на масовен бојкот на овие популарни места за младите.

Газдата на кафулињата досега не се огласил, не одговара на повиците на новинарите, но во објава на социјалните мрежи кафулето тврди дека “многу сериозно ги сфаќа обвинувањата”. Според последните информации вработениот е суспендиран.

Јавното обвинителство во Брисел соопшти вчера дека е отворена официјална истрага.

Слични содржини