Немаме прифатено, ниту ќе прифатиме амнестија на Груевски, порачаа од СДСМ

од Nikola Popovski
287 прегледи

Ние тоа немаме прифатено и нема да прифатиме ниту во иднина, изјави денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, одговарајќи на прашањето, дали лицата кои се обратиле кај претседателот Стево Пендаровски за амнестија на поранешниот премиер Никола Груевски, се обратиле и во СДСМ.

Како што истакнала портпаролката, јавноста многу добро знае дека имало случаи кога СДСМ преговарале со ДПМНЕ, на пример за законот за ЈО и за други закони каде што требале да направат некаков компромис.

-Секогаш, буквално секогаш тие отворале судски случаи кои што сакале да се дискутираат. Затоа и не успеавме да се договориме со ДПМНЕ во 2020 година, затоа што доаѓаа на преговорите со судски предмети, но ние не прифаќаме. Нема пазар за било каква амнестија, ниту пак со било кого пазар околу правдата и судските случаи, потенцирала Кузеска, одговарајќи на новинарско прашање.

Ова следува откако претседателот Стево Пендаровски пред два дена изјави дека бил консултиран пред 7-8 месеци на неформално ниво од „некои актери од политичката сцена“ за да го помилува Груевски, но категорично одбил. Според неговите зборови, „тој не е султан или монарх во државата“ и самиот да пресудува и решава што е право, а што не.

Неодамна претседателот на Алтернатива, Африм Гаши рече дека измените на Кривичниот законик се прават за да се амнестира Груевски и да се обезбеди поддршка за уставните измени. Тој обвини дека владина делегација била во Будимпешта и договорала лично со Груевски за кои предмети да биде амнестиран.

Слични содржини