Неподносливата леснотија на чергарското живеење!

од Vladimir Zorba

Коментирајќи ја последната драматична пат позиција со гласањето на (не)доверба на владата во македонското собрание од страна на новото нереализирано парламентарно мнозинство во најава, која наликуваше на трилерска шпанска сапуница, еден мој пријател само кратко искоментира: да бевме нормална држава, во моментов требаше да зборуваме за енергетската криза, а не да се занимаваме со циркузантиве.

Што е тоа „нормална“ држава?! Најпросто и најкратко објаснето држава со институционален ред и поредок во која политиката ќе биде толку досадна, што поголемиот дел од граѓаните нема да го знаат својот избран градоначалник, ресорни министри, па дури во некои случаи премиерот или претседателот.

Да, во ова политички контаминирано и партиско вирусно заразено општество вие сте „ненормален“ ако не ги знаете градоначалникот, министрите, не дај боже премиерот или претседателот, бидејќи ќе ве сметаат за некој кој е „луд“. А зошто е тоа така?! Бидејќи малите деца од градинка веќе се задоени со македонската политика, секојдневните вести, во кои гледаме патетични партиски пресови и соопштенија на меѓусебни обвинувања, и така од мали нозе веќе знаат се, за македонските политичари.

Како не се уморивме самите од себе?!

Македонија е едно тотално испартизирано општество и длабоко политизирано во неговата најлоша варијанта (партиски политизирано, не граѓански), со целосна партиска дихотомиска поларизираност во која граѓаните се втурнати во поделбата „ако не си со нас, тогаш си за нив“. Тие што не се ни со „нас, ни со нив“, одамна со бугарскиот пасош в џеб се иселија во „ненормалните“ држави во кои нема да го знаат премиерот и претседателот. Бидејќи нема ни да им треба.

Кога ни дојде на посета холандскиот премиер Марк Руте, многу медиуми перфидно објавија дека и тој бил во оставка. Ако добро паметите, пред неколку години Белгија сруши рекорд за гинис во кој повеќе од цела една година не можеше да избере влада. Тие ги сметате за ненормални држави? Веројатно сте запознати дека и двете држави се едни од најбогатите држави, кога станува збор за животниот стандарт, бруто-домашниот производ по глава на жител, техничко-технолошки, инфраструктурно и стопански гиганти, и во однос на земјоделството, Холандија е втора земја после САД извозничка на земјоделски производи на светско ниво.Со таква клима и таква почва. огаш чуму ним им е потребна влада, кога и без извршен кабинет можат совршено да функционираат?!

Запомнете од мене, држава е институционален систем кој вмрежено функционира. Ништо повеќе, ниту помалку. Систем кој им ги овозможува правата и услугите на своите граѓани, за кои тие законски плаќаат данок. Но имаат и обврски. Македонија е се, само не таков систем. За жал, ние сме импровизариум од државноправна заедница, во која институциите на системот се само фасадни потемкинови села, позади кои се крие ендемската корупција и криминал на секое ниво. Нашава во обид држава, ако ја споредиме со погореспоменатите е разорена од внатре.

Од еден парасистем, кој совршено триесет години функционира за заштита на личните материјални интереси на поединци, кланови, олигархиски кругови и фамилии. Се друго е надвор од системот и преживува гол живот, крпејќи месец за месец да ги плати режиските трошоци и колку толку да се нахрани. Да не умре од глад. Како што гладуваат тие 445.000 граѓани кои според податоците на ММФ и Светска Банка живеат со 100 денари на ден. Или во европски бројки 1.67 евра. Со кои не можете да си купите билет во трамвај во еден правец во било која нормална земја на стариот континент. Во европска земја.

Во нормалните држави, не живеат ненормални луѓе

Најголемата трагедија, е што после триесет години практикување на т.н повеќепартиска демократија, и навидум „трансформациска европеизација“ на земјата, ние не гледаме изгледни можности на хоризонтот дека овие фактички потврдени состојби можат да се променат во догледна иднина. Напротив, се преповторуваат од ден на ден, од година на година, со неподносливата леснотија на чергарското живеење. Каков народ, таква власт. Рекол некогаш некој британски државник.

И еден друг „државник“ им го велеше тоа на своите студенти, додека им беше професор. Потоа таквиот народ, го избра за претседател ( „татко на нацијата“, во два последователни мандати). Таков него. Не згреши во својата констатација. Како иронијата на судбината да си поигра со нас. И тој со нас. Најмногу ние самите со себе. Поговорката „прост народ, силна држава“, сепак не важи за нас. Ние сме навистина прост народ, но силна држава никогаш и нема да станеме. На никое поле. Со исклучок делумно на спортското, во ракометот, сега и во фудбалот.

Нека им е со среќа на Елмас и другарите. Во целото ова сивило, да не речам црнило, само тие можат да донесат национална колективна среќа и исполнетост во душата. Се гледаме во Катар, идната година.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини